ВОЈНАТА ВО УКРАИНА НЕМА ДА ЗАВРШИ СО НИЧИЈА ПОБЕДА Рубио посакува што побрзо да почнат мировни преговори
Оваа војна е лоша и за двете страни. Јасно е дека е лоша за Украина и штетна за Русија и затоа, нејзиното запирање е сосема логично, вели државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека војната во Украина не е добра за ниту една страна и дека Вашингтон знае како ќе заврши, а нема да заврши со руска победа, бидејќи руската армија бележи слаби резултати на бојното поле.
– Оваа војна е лоша и за двете страни. Јасно е дека е лоша за Украина и штетна за Русија. Затоа, нејзиното запирање е сосема логично. Но, за жал, во надворешната политика и во вакви прашања, она што е логично не е секогаш она што всушност се случува – рече Рубио во интервју за Радио WABC.
Според него, воените дејствија на крајот ќе завршат со договор постигнат преку преговори.
– И колку побрзо се случи тоа, толку помалку животи ќе бидат загубени и помалку уништување ќе има – рече Рубио.
Според него, американскиот претседател Доналд Трамп „ќе продолжи да дејствува“.
– Значи, секогаш кога има можност да се направи потег и да се премости јазот меѓу овие две страни, претседателот ќе биде подготвен да го стори тоа. И ние ќе продолжиме да се обидуваме – додаде Рубио.
Според него, Москва и Киев во моментов се далеку од мировен договор.
Претходниот ден украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараше со американскиот претседател Трамп во Њујорк за шансите за „договор“ меѓу Русија и Украина.
– Не сакам да кажам што точно ќе биде тоа. Многу разговараме за тоа, вклучително и со претседателот Путин – рече Трамп, додавајќи дека дошло времето да се стави крај на војната.
Зеленски рече дека Киев и Вашингтон сакаат да ја завршат „бесмислената руска војна“ до претстојната зима.
– Разговаравме за можни чекори за деескалација кои би можеле да го отворат патот за дипломатија – истакна украинскиот претседател.
Зеленски исто така најави дека САД ќе ѝ пренесат на Русија предлог за прекин на огнот врз енергетските објекти.
– Подготвени сме да ги запреме нападите врз нивните рафинерии за нафта и енергетскиот систем доколку тие не ги напаѓаат нашите – рече Зеленски.
Тој, исто така, изрази надеж дека САД ќе најдат начин да посредуваат во преговорите меѓу Русија и Украина.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио денеска ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, на маргините на годишната сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.