ЌЕ СЕ ИЗРАБОТУВА НАЦИОНАЛНА ЗЕЛЕНА ТАКСОНИМИЈА Системот ќе ги содржи економските активности со кои се штити животната средина

Од Народна банка велат дека со изработката и со донесувањето на зелената таксономија на државата би се овозможило постепено усогласување на македонското законодавство со европската регулатива и со меѓународните стандарди и практики во оваа област, како и зголемување на транспарентноста за нивото на отпорност на економските сектори во однос на ризиците коишто произлегуваат од климатските промени.

1

Земјава ќе изработува Зелена национална таксономија со која треба да се усогласи со европските правила за економија со ниска емисија на јаглерод. Носител на активноста е Народна банка помогната од  Програмата за зелени финансиски системи (Greening Financial Systems Programme) на Европската инвестициска банка.

Во изработката на зеленат таксономија ќе бидат вклучени и министерствата и други институции.






Зелената таксономија претставува национален систем за класификација на економските активности за кои се смета дека придонесуваат кон остварување на целите за заштита на животната средина (одржливи економски активности).

Станува збор за регулатива чијашто основна цел е воспоставување јасни и научно засновани критериуми за класификација на економските активности во согласност со принципите на одржливиот развој и еколошките стандарди.

– Таксономијата им овозможува на инвеститорите, компаниите, банките и на носителите на економските политики да ги определат зелените активности и да ги насочат ресурсите за поддршка на преминот кон економија со ниска емисија на јаглерод. Воедно, таксономијата ја зголемува транспарентноста и го олеснува системот за објавување податоци поврзани со климатските промени, придонесува за спречување eколошка манипулација (англ. greenwashing) и го овозможува развивањето зелени финансиски инструменти – изјави гувернерот на Народната банка Трајко Славески на средбата со Бјорн Габриел, шеф на претставништвото на ЕИБ во земјава.

Габриел, пак, рече дека со воспоставувањето заеднички јазик за носителите на политики, банките, компаниите и за инвеститорите, таксономијата ќе придонесе за поголема транспарентност и доследност во утврдувањето и финансирањето на активностите за „зазеленување.

–  Тоа, пак, ќе помогне во привлекувањето инвестиции и ќе поттикне нови зелени финансиски производи, со што ќе се поддржат декарбонизацијата на индустријата и климатското приспособување на компаниите – рече Габриел.

Од Народна банка велат дека со изработката и со донесувањето на зелената таксономија на државата би се овозможило постепено усогласување на македонското законодавство со европската регулатива и со меѓународните стандарди и практики во оваа област, како и зголемување на транспарентноста за нивото на отпорност на економските сектори во однос на ризиците коишто произлегуваат од климатските промени.

Планирано е Зелената таксономија да биде приспособена кон условите и спецификите на македонската економија и постепено да се усогласува со европското законодавство.

Оваа техничка помош се оствари во рамките на партнерството меѓу ЕИБ и Народната банка преку програмата „Зелени финансии”. Со програмата се обезбеди насочена обука и се воведе алатка „Управувач за климатски ризици”, овозможувајќи ѝ на централната банка да ги проценува климатските ризици и да ги поддржува финансиските институции во усогласувањето со меѓународните стандарди.

Програмата е финансирана од Германија и Луксембург преку Фондот за зелено финансирање, кој претставува повеќедонаторски фонд основан од ЕИБ Глобал со цел придонес кон развојот на финансиски системи отпорни на климатските промени низ целиот свет.

Програмата за зелени финансиски системи (Greening Financial Systems Programme) е иницијатива вредна 30 милиони евра (2022–2030 година), спроведувана од Европската инвестициона банка (ЕИБ) со цел да им помогне на централните банки и финансиските институции да го пренасочат капиталот кон одржливи инвестиции отпорни на климатските промени.

Поврзани содржини