АЛТА БАНКА НЕМА ДА БИДЕ ТАТ ИЛИ ЕУРОСТАНДАРД ОД ВРЕМЕТО НА СДСМ Мицкоски вели дека штедачите ќе бидат обесштетени, а за банката се бара солиден купувач
Премиерот ја критикуваше опозициската СДСМ дека посакува банката да пропадне, а штедачите да не ги добијат назад своите пари.
Владата прави максимални напори за да се најде солиден купувач за Алта банка Битолa која е здрава финансиска институција. Целта е да се спаси оваа банка, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој рече дека граѓаните не треба да стравуваат дека ќе ги изгубат нивните пари во банката.
-До последниот денар секој доверител и секој штедач ќе бидат обесштетени. Бидејќи најголемиот дел штедните влогови на граѓаните е осигурени во Фондот за осигурување на заштедите, а активата на банката е поголема од побарувањата. Но, ние се трудиме да не дојде до тоа и да најдеме купец за банката. Заедно со министерката за финансии и гувернерот наредните денови ќе имаме средби со повеќе финансиски институции коишто би можеле да бидат купци на банката – рече Мицкоски.
Тој ја критикуваше опозициската СДСМ, обвинувајќи ја дека се радува на црните сценарија и дека посакува граѓаните да не бидат обештетени, правејќи паралела со поранешните банкарски кризи со ТАТ и Еуростандард банка.
-Владата и опозицијата, конкретно СДСМ, имаат различна амбиција. Тие се радуваат на црните сценарија, ние се обидуваме од петни жили да најдеме решение, односно купец којшто ќе ја купи банката, бидејќи банката е во одлична состојба. Тие се радуваат граѓаните да не бидат обештетени, по принципот на ТАТ или „Еуростандард банка“ од времето на СДСМ. Јас кажав и стојам на тоа дека до последниот цент, секој доверител, секој штедач ќе биде обештетен – рече Мицкоски.