ТРГОВСКИОТ ЈАЗ Е НАМАЛЕН ЗА 86 МИЛИОНИ ЕВРА Мицкоски оцени дека разликата меѓу извозот и увозот се намалува
Премиерот упати критики кон опозицијата, наведувајќи дека намалувањето на разликата меѓу увозот и извозот е позитивен показател за економијата.
Податоците на Државниот завод за статистика за увозот и извозот за септември покажуваат историски најголема разлика помеѓу нив во корист на извозот, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги последните податоци на ДЗС за увозот и извозот.
Тој оценката ја поткрепи со бројки
– Она што можам да го забележам е историски најголема разлика помеѓу извозот и увозот, односно во септември извозот расте со стапка од 22 до 23% во евра, а увозот се зголемува со стапка од 8 до 9 отсто во евра во услови кога имаме историски најголема енергетска криза. Ги знаете цените на нафтените деривати. Значи, многу побргу растеме како извоз отколку како увоз – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека анализата на податоците за третиот квартал од годинава покажува дека разликата меѓу увозот и извозот е намалена за 85 до 86 милиони евра во споредба со истиот квартал лани.
-Тоа значи повеќе девизи влегуваат во државата – рече Мицкоски.
Тој упати критики кон опозицијата, наведувајќи дека намалувањето на разликата меѓу увозот и извозот е позитивен показател за економијата.
-За нивна жал, а за доброто на граѓаните, оваа Влада работи и испорачува резултати и тие резултати се гледаат низ призмата на бројките, а не низ призмата на гола политика, конструкции и лаги што тие ги кажуваат – рече Мицкоски.