КРВАВИОТ ВЕЛИГДЕН ВО ШРИ ЛАНКА ОД 2019 ДОБИ СУДСКА ЗАВРШНИЦА Бомбаши-самоубијци се разнеле во цркви и луксузни хотели

Нападите врз цркви и луксузни хотели на Велигден во 2019 година оставија стотици мртви и повредени. Седум години подоцна, 15 обвинети се прогласени за виновни, а деветмина се ослободени.

0

Високиот суд во Коломбо во Шри Ланка прогласи за виновни 15 мажи во главниот процес за велигденските терористички напади во Шри Ланка во 2019 година, додека деветмина се ослободени.

Меѓу осудените е и Науфер Маулави, кого обвинителството го товари дека бил еден од организаторите на нападите извршени од бомбаши-самоубијци. Процесот опфати повеќе од 23.270 обвиненија и траеше речиси 5 години.






Велигден се претвори во масакр

На 21 април 2019 година, додека христијаните го славеа Велигден, бомбаши-самоубијци речиси истовремено нападнаа цркви и луксузни хотели. Меѓу целите беа црквите „Свети Антониј“, „Свети Себастијан“ и „Сион“, како и три хотели во Коломбо. Меѓу жртвите имаше и десетици странски туристи и деца.

Обвинителството тврдеше дека обвинетите соработувале со осуммина бомбаши-самоубијци, меѓу кои и Захран Хашим.

 

Размерите на процесот се гледаат и во бројките. Обвинителството повикало 2.309 сведоци, а пред судот биле приложени 2.076 предмети и други докази, меѓу кои експлозиви, хемикалии за изработка на бомби, мечеви и огнено оружје.

 

Трагата стигна и до врвот на државата

Нападите отворија и друго прашање – дали масакрот можел да биде спречен. Истрагите открија сериозни пропусти во безбедносниот систем, а Врховниот суд во 2023 година утврди повреди на основните права поврзани со неуспехот на тогашните државни функционери да постапат по претходните разузнавачки предупредувања.

Главниот кривичен процес почна со 25 обвинети, но еден од нив почина, па судењето продолжи против 24 лица.

Обвинението беше поднесено уште во 2021 година, а судењето почна во октомври 2023 година и прерасна во еден од најобемните процеси поврзани со велигденските напади.

Поврзани содржини