ЛЕКАРИ ОТСТРАНИЛЕ КАМЕН ОД МОЧНИОТ МЕУР ТЕЖОК 3,1 КИЛОГРАМ Голем колку јајце од ној, тежок како новороденче

Педесет и петгодишниот пациент бил примен во болница по мозочен удар, а лекарите случајно откриле дека има огромен камен во мочниот меур.

0

Лекари во Шри Ланка на 55-годишен маж му отстраниле камен од мочниот меур тежок неверојатни 3,1 килограм, за кој проценуваат дека е најголемиот ваков случај досега документиран во светот. Операцијата била извршена минатата недела во болница во градот Тринкомали, на истокот на земјата, објави Би-Би-Си.

Пациентот бил примен во болницата по мозочен удар. За време на лекувањето, лекарите забележале дека има проблеми со мокрењето, по што биле направени дополнителни испитувања.






Прегледите покажале дека во неговиот мочен меур се наоѓа огромен камен.

За време на операцијата лекарите го отстраниле каменот, чија тежина е приближно еднаква на тежината на новороденче, додека по големина бил споредлив со јајце од ној.

– Според достапните податоци, ова е најголемиот камен во мочниот меур што некогаш бил документиран и хируршки отстранет – изјавил за Би-Би-Си Синхала д-р Прахаалан Балакришнан, кој го предводел оперативниот тим.

Лекарот истакнал дека пациентот сега е во многу добра здравствена состојба, но останува во болницата поради продолжување на лекувањето на други здравствени проблеми.

Според проценката на д-р Балакришнан, каменот најверојатно се формирал во период од пет до десет години.

Камењата во мочниот меур се цврсти наслаги кои се создаваат со кристализација на минералите од урината. Најчесто се појавуваат кога мочниот меур не се празни целосно, па преостанатата концентрирана урина овозможува создавање кристали.

Помалите камења, со големина на зрно песок, можат природно да го напуштат организмот. Но, поголемите камења можат да го блокираат протокот на урина и да бараат медицинска интервенција.

Камењата поголеми од четири сантиметри се сметаат за исклучително големи.

Според Гинисовата книга на рекорди, досега најголемиот камен од мочниот меур бил отстранет во 2003 година во Бразил.

Тој бил тежок 1,9 килограми и долг 17,9 сантиметри.

Каменот што минатата недела бил отстранет во Шри Ланка е долг околу 17 сантиметри, односно нешто пократок од претходниот рекордер, но со тежина од 3,1 килограм е значително потежок.

Лекарите сега сметаат дека случајот од Шри Ланка би можел да претставува нов светски рекорд.

Поврзани содржини