САД ЌЕ КОПААТ КРИТИЧНИ МИНЕРАЛИ ВО ТИХИОТ ОКЕАН Предвидени се концесии за 272.000 квадратни километри од морското дно

Поддржувачите на проектот истакнуваат дека рударството би обезбедило нови извори на минерали потребни за електрични возила, електроника и воена опрема.

27

Министерството за внатрешни работи на САД вчера предложило продажба на концесии за длабокоморско рударство во водите околу Северните Маријански Острови. Предлогот е дел од поширока иницијатива на администрацијата на претседателот Доналд Трамп насочена кон обезбедување домашни залихи на клучни минерали.

Администрацијата за морски минерали на САД (MMA) предлага да се продаде на аукција приближно 271.000 квадратни километри од морското дно источно и западно од таа американска територија во Тихиот Океан. Аукцијата треба да се одржи на 16 декември оваа година во Калифорнија, а концесиите ќе бидат доделени преку процес на јавно наддавање.






Концесиите би им дале право на компаниите да истражуваат и потенцијално да експлоатираат наоѓалишта на клучни минерали, кои се користат во производството на батерии, електроника и одбранбени технологии.

Вршителот на должноста директор на MMA, Мет Џакона, во изјава објасни дека целта на предлогот е да се обезбеди пристап до минерали кои се критични за синџирите на снабдување, производството и националната безбедност.

Во известувањето на MMA за предложената продажба се наведува дека службениците ќе ги разгледаат коментарите од гувернерот на Северните Маријански Острови пред да донесат конечна одлука.

Минатиот месец, администрацијата на Трамп, исто така, предложи изнајмување на повеќе од 125.000 квадратни километри морско дно во близина на Американска Самоа.

Овие потези се дел од поширока стратегија за намалување на зависноста на САД од увоз на клучни минерали.

Еколошките здруженија се спротивставуваат на длабокото рударство. Тие тврдат дека е потребно да се спроведат дополнителни истражувања за неговите последици врз морските екосистеми. Од друга страна, поддржувачите на проектот истакнуваат дека рударството би обезбедило нови извори на минерали потребни за електрични возила, електроника и воена опрема.

Поврзани содржини