ДЕЛОВИ ОД Ф-35 ТРГНАЛЕ КОН САД, ИСЧЕЗНАЛЕ ВО ХОНГКОНГ Се стравува дека Кина допрела до тајната на „невидливиот“ авион

Пратката била неочекувано пренасочена кон кинескиот специјален административен регион и со месеци не е пронајдена. Австралија тврди дека деловите не биле чувствителни, но според Политико меѓу нив имало и кабина со технологија поврзана со стелт-способностите на Ф-35.

49

Пратката ја превезувала трета компанија во име на производителот Локид Мартин. Требало да стигне во САД, но при транспортот преку Пацификот била пренасочена кон Хонгконг.

Оттогаш деловите не се пронајдени, пишува „Гардијан“ во својата сторија.






Токму последната позната локација ја прави приказната многу почувствителна. Хонгконг е специјален административен регион на Кина, а Ф-35 е конструиран така што што потешко да биде откриен од противничките радари.

Мистеријата се врти околу кабината

Австралискиот министер за одбрана и вршител на должноста премиер Ричард Марлс тврди дека исчезнатата опрема не била чувствителна.

– Не зборуваме за чувствителна опрема или чувствителни делови – рече Марлс, додавајќи дека Австралија ќе провери што се случило на нејзина страна.

Но, информациите што ги објави Политико отвораат многу понепријатно прашање.

Според извори на медиумот, во пратката имало и дел од кабината на Ф-35 кој содржи технологија поврзана со намалувањето на радарската забележливост на авионот. Американските власти не потврдиле јавно дека токму таква технологија се наоѓала во исчезнатата пратка.

Пентагон и канцеларијата што управува со програмата Ф-35 потврдиле дека знаат за проблемот со пратката. Американските власти и индустриските партнери се обидуваат да ги пронајдат компонентите и да утврдат како завршиле во Хонгконг.

Еден погрешен пат отвори голем ризик

Стравувањата не значат дека е утврдено оти Кина ги добила деловите или ја презела технологијата. Засега нема јавен доказ дека кинеските власти воопшто ги прегледале исчезнатите компоненти.

Но, токму тоа е сценариото што ги загрижува безбедносните експерти.

Мајкл Шубриџ, директор на „Стратеџик Аналисис Австралија“ и поранешен советник во австралискиот безбедносен систем, посочува две можни причини поради кои противник би сакал да дојде до вакви делови: да ја реконструира технологијата или да открие како полесно да го детектира и нападне авионот.

За самото пренасочување тој употреби уште потешки зборови.

– Ова е чин на неверојатна неспособност и глупост – рече Шубриџ.

Ризикот не завршува со Австралија и САД. Ф-35 е меѓународна програма со огромен синџир на производство и снабдување, а авионот го користат повеќе американски сојузници. Само во Австралија повеќе од 70 компании работат за програмата, а во сојузната држава Викторија се произведуваат повеќе од 700 „критични делови“ за авионот.

Ако истрагата покаже дека некој навистина добил пристап до чувствителна технологија, последиците би можеле да ги засегнат сите оператори на Ф-35.

Поврзани содржини