СООБРАЌАЈНИЦАТА ПОД „ЛИМАК“ ДОAЃА ДО ФИНИШОТ Скопје веќе ги подготвува трасите за полначите на 100 автобуси
Осветлувањето, противпожарниот систем и асфалтот ќе се довршуваат во последната фаза, а целата сообраќајница треба да профункционира до 2028 или почетокот на 2029 година. Паралелно, Скопје ја подготвува инфраструктурата за новите електрични автобуси, додека во Автокоманда треба да се обезбеди и посилно напојување.
Подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“ е комплетно изградена, а остануваат завршните работи со осветлувањето, противпожарната заштита и асфалтирањето, вели градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски. Додека продолжуваат следните фази од проектот, Градот веќе ги подготвува и трасите за полначите за 100-те нови автобуси што треба да пристигнат во Скопје.
Првиот дел од сообраќајното поврзување од Кисела Вода бил завршен за 90 дена, а сега се работи на втората фаза. Таа треба да ја донесе врската до влезот на „Лимак“, по што останува последниот дел со кружниот тек кај „Нова Македонија“.
– Првата фаза ја завршивме од Кисела Вода за 90 дена, сега веќе се работи на втората фаза. Рокот за изведба на поврзувањето од Кисела Вода до влезот на „Лимак“ е до наредната година, а веднаш потоа ќе пристапиме и кон последната фаза – вели Ѓорѓиевски.
Според најавената динамика, целата подземна сообраќајница треба да биде ставена во функција до 2028 година или почетокот на 2029 година. Ѓорѓиевски вели дека Градот има обезбедени средства, а дел од финансиската поддршка доаѓа од Владата.
– Имаме капацитет, имаме средства како Град Скопје, Владата ни помогна со средства, така што со силно темпо одиме напред – порача тој.
Се прави место за полначите
Паралелно се подготвува инфраструктурата за новите автобуси. Од вкупната набавка на 150 автобуси за државата, според Ѓорѓиевски, 100 треба да завршат во Скопје.
Во моментов се подготвуваат трасите за полначите, а посебни интервенции се потребни во Автокоманда, каде што треба да се обезбедат високо напојување и поголем електроенергетски капацитет.
– Има рок на испорака. Не може автобусите да бидат готови веднаш откако завршила јавната набавка. Никој не знае однапред кој ќе биде избран и дали ќе биде избран, па да има подготвено толкава бројка автобуси – вели Ѓорѓиевски.
Намерата е инфраструктурата да биде подготвена паралелно со производството и испораката, за автобусите да можат да бидат пуштени во сообраќај без дополнително чекање.
Жичницата, Луна паркот и Дрисла
Во интервјуто за 4News Ѓорѓиевски отвори и повеќе други градски проекти. Репарацијата на Жичницата на Водно ја изведува „Допелмајр“, откако биле оштетени 3 од 4 безбедносни сензори, а најавата е повторно да профункционира до крајот на ноември.
Луна паркот, според планот, треба да биде завршен до крајот на 2027 година и да биде поврзан со Зоолошката градина. Во пресрет на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ се најавуваат и темелни реконструкции на Градскиот парк и Кејот на Вардар.
За отпадот, Ѓорѓиевски најавува почеток на испораката на 3.300 нови контејнери во следните 7 до 10 дена. Вели дека за еден месец биле изречени казни од околу 300.000 евра за несовесно фрлање отпад, а се подготвува и електронски систем што треба да спречи интервенирање и бришење на пријавите.
Современо решение за „Дрисла“, според градските проценки што ги пренесе Ѓорѓиевски, би чинело повеќе од 200 милиони евра. Доколку Градот и државата не можат сами да ја обезбедат сумата, една од опциите е јавно-приватно партнерство.