📽️ БРЕД ПИТ ПОВТОРНО ВО УЛОГАТА НА ЛЕГЕНДАРНИОТ КАСКАДЕР Тарантино го напиша сценариото за продолжението на приказната за Клиф Бут

Квентин Тарантино го продолжува светот на „Беше еднаш... во Холивуд“ со ново сценарио за Клиф Бут. Бред Пит се враќа во улогата, а филмот го режира Дејвид Финчер.

37

Клиф Бут се враќа, а со него и светот на „Беше еднаш… во Холивуд“. Квентин Тарантино го напиша сценариото за продолжението на својот филм од 2019 година, но овојпат не седна на режисерското столче. Филмот „The Further Mis-Adventures of Cliff Booth“ го режира Дејвид Финчер, додека Бред Пит повторно го игра Клиф Бут, улогата за која го освои Оскарот за најдобар актер во споредна улога.






Приказната е сместена во 1977 година, осум години по настаните од првиот филм. Клиф повеќе не е само каскадерот и човекот од доверба на актерот Рик Далтон, туку продолжува да работи во Холивуд и да им нуди свои „тајни услуги“ на пријатели од филмската индустрија. Официјалниот опис го претставува како воен ветеран, каскадер, шанкер и филмски проекционист кој и понатаму се снаоѓа во еден Холивуд што значително се променил.

Особено интересно е што Тарантино не ја продолжува приказната само на филмското платно. На 8 декември ќе ја објави и книгата „The Adventures of Cliff Booth“, негов втор роман поврзан со филмскиот свет. Книгата е романизирана верзија на новата приказна и, според издавачот, ќе понуди „своја креативна визија“ за случувањата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Harper Books (@harperbooks)

Книгата ќе излезе само неколку недели по кино-премиерата на филмот. „The Further Mis-Adventures of Cliff Booth“ ќе пристигне во ИМАКС салите на 25 ноември, а од 23 декември ќе биде достапен на Нетфликс. Така, публиката прво ќе ја види филмската верзија на приказната, а потоа ќе може да ја прочита Тарантиновата верзија во книга.

Иако Тарантино го напиша сценариото, одлучи режијата да му ја препушти на Финчер. Со тоа продолжението станува и своеобразна средба на двајца познати режисери преку ликот што го игра Пит. Финчер и Пит веќе соработувале на „Седум“, „Боречки клуб“ и „Необичниот случај на Бенџамин Батон“, па новиот проект повторно ги спојува.

Покрај Пит, во актерската екипа се и Елизабет Дебики, Скот Кан, Карла Гуџино, Јахја Абдул-Матин Втори, Питер Велер и Тимоти Олифант. Засега не е потврдено дека Леонардо ди Каприо и Марго Роби ќе ги повторат своите улоги од оригиналниот филм.

Тарантино, во меѓувреме, продолжува да ја проширува приказната за својот измислен Холивуд и надвор од филмовите. Покрај двата романа и книгата „Cinema Speculation“, тој работи и на сценска претстава, додека неговиот план за десетти и последен филм во последните години повеќепати се менуваше. По „Беше еднаш… во Холивуд“ од 2019 година, тој досега не режирал нов долгометражен филм.

Поврзани содржини