ПЕСНИТЕ НА ТОШЕ ЌЕ ОДЕКНАТ ВО СПЛИТ На 19-годишнината од смртта на музичката легенда е најавен голем концерт во спортскиот центар „Грипе“
На 19-годишнината од смртта на Тоше Проески во Сплит ќе се одржи голем концерт, најавуваат хрватските медиуми. Во јули семејството на Тоше се огради од настанот.
На 16 октомври, точно 19 години по трагичната смрт на Тоше Проески, во Сплит ќе се одржи голем концерт посветен на неговата музика. Настанот „Тоше засекогаш – музика која живее“ е закажан во големата сала на спортскиот центар „Грипе“, со почеток во 20 часот, а организаторите најавуваат бројни македонски и хрватски музичари, пишуваат хрватските медиуми.
На сцената треба да се појави 30-член симфониски оркестар од Македонија, под диригентската палка на Владимир Димовски. Најавени се Стoјне Николова, Бојана Скeндеровска, Огнен Здравковски, Димитар Андоновски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски, како и Петар Драгојевиќ и Антонија Шола. Последната има особено значајна врска со Тоше, бидејќи е авторка на текстовите за повеќе негови познати песни, меѓу кои „Волим осмијех твој“, „Боже брани је од зла“, „Пратим те“ и „Срце није камен“.
Покрај песните на Тоше, најавено е и изведување на македонски традиционални песни, меѓу кои и „Зајди, зајди“. Организаторите велат дека концертот ќе има и хуманитарен карактер, а дел од приходот ќе биде дониран во хуманитарни цели. Билетите моментално се продаваат по почетна цена од 31,50 евра.
Сепак, зад најавата за големата музичка вечер стои и важна забелешка. Семејството на Тоше Проески уште во јули јавно се огради од концертот. Во објавата на сестрата на Тоше, Дора Проеска, се наведува дека семејството не стои зад настанот и дека организаторите немаат нивна службена согласност. Од семејството тогаш беше посочено и дека Кристијан, кој беше дел од придружниот бенд на Тоше, нема да настапи на концертот.
Интересно е што организатор на концертот е Александар Ивановски, Македонец кој живее во Сплит и кој, според организаторите, го познавал Тоше уште од детството, кога заедно посетувале музичка настава. Токму тоа пријателство, според најавата, било еден од мотивите за организирање на концертот во хрватскиот град.
View this post on Instagram
Засега нема објавена официјална најава за голем концерт или друг сличен јавен музички спектакл во Македонија на 16 октомври 2026 година. На официјалната страница на НУ „Спомен-куќа на Тодор Проески“ во Крушево во моментов нема најавено одбележување за 19-годишнината од неговата смрт.
Тоа, сепак, не значи дека нема да има дополнителни активности. Во Македонија одбележувањата поврзани со смртта на Тоше вообичаено се организираат и во Крушево, а во претходните години на 16 октомври таму пристигнуваа и маратонци од Нова Градишка кои трчаат во негова чест.
Кај нас постои и долгогодишната традиција на одбележување на Тоше на 5 октомври, денот кога во 2007 година го одржа својот последен концерт во Скопје. Такви настани со години се организираа во Скопје и во Крушево, а еден од нив е и „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“.
Тоше загина на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, на само 26 години. Неговиот последен концерт се одржа 11 дена претходно на Градскиот стадион во Скопје и на него присуствуваа повеќе од 20.000 луѓе.