Канада и Европската Унија: Симболичен гест, или нова геополитичка архитектура?

Важно е да се прецизира: Канада не станува членка на ЕУ. Во европското право во моментов не постои формален статус за придружна членка, ниту е дефинирано што би опфаќал таквиот однос. Станува збор тука за политички предлог кој допрва би требало да биде преточен во конкретна правна и институционална рамка

125

Овој текст го пишувам како анализа, а не како политички коментар. Поентата е да ги разгледуваме интересите и потенцијалните добивки/ризици од сите четири перспективи, (Европската, Американската, Канаѓанката и Македонската) без однапред да го прогласуваме потегот за позитивен или негативен. ЕУ-Канада самитот е официјално закажан на 29–30 октомври 2026 во Монтреал, и тогаш ќе видиме дали идејата ќе добие конкретна институционална форма или не.

Раѓање на нов модел на стратешко партнерство






Предлогот Канада да стане првата придружна членка на Европската Унија е една од најинтересните геополитички иницијативи што доаѓаат од Брисел во последните години. Европската комисија, на 16 септември 2026 година ја отвори оваа можност во присуство на канадскиот премиер Марк Карни во Европскиот парламент.

Важно е да се прецизира: Канада не станува членка на ЕУ. Во европското право во моментов не постои формален статус за придружна членка, ниту е дефинирано што би опфаќал таквиот однос. Станува збор тука за политички предлог кој допрва би требало да биде преточен во конкретна правна и институционална рамка.

Тука не станува збор само за трговија меѓу Брисел и Отава, туку самиот потег е тест за способноста на Западот да создаде нови форми на сојузништво во период кога досегашните економски и безбедносни структури се под сè поголем притисок.

ЕУ перспектива: од трговски блок кон поширока геополитичка заедница

Европската Унија традиционално се гради околу внатрешна интеграција. Нејзината основна логика е јасна, државите што сакаат најдлабока интеграција стануваат членки, ги прифаќаат европските правила и добиваат институционално учество во процесот на одлучување.

Канадскиот случај може да отвори сосема поинаква логика, наместо изборот да биде само меѓу членка и трета земја, ЕУ би можела да создаде меѓу-форма на интеграција. Фон дер Лајен веќе го опиша потенцијалниот однос преку соработка во производство, технологија, вештачка интелигенција, критични суровини, енергија, Арктикот и интеграција на одбранбените индустрии, тоа е значително пошироко од класичен договор за слободна трговија.

Европската перспектива има своја логика, Европа се соочува со Русија како безбедносна закана, со Кина како економски и технолошки конкурент и со сè непредвидлива трансатлантска политичка средина. Во такви услови, Канада претставува природен партнер.

Канада располага со огромни резерви на критични минерали, енергетски потенцијал, земјоделски ресурси, напредна индустрија, развиен технолошки сектор и, особено важно, стратешка позиција во Арктикот. Европа, од друга страна, располага со огромен единствен пазар, индустриска база, капитал, истражувачки капацитети и политичка тежина. Канада има ресурси и стратешки простор. Европа има пазар, капитал и индустриски капацитет.

Канадската перспектива: диверзификација наместо прекин со Америка

За Отава, оваа иницијатива доаѓа во особено чувствителен момент. Канада историски е економски исклучително зависна од Соединетите Американски Држави. Но односите во 2026 година се сериозно оптоварени со трговски спорови и американски царини.

Вашингтон во август воведе дополнителни мерки врз дел од канадскиот увоз, а Канада одговори со контрамерки. Американската страна своите мерки ги оправдува со наводна дискриминација на американската трговија, додека Отава ги користи контра-мерките како инструмент за заштита на своите интереси.

Во овој контекст, европската опција за Канада не мора да значи напуштање на Соединетите Американски Држави. Многу попрецизно е да се разбере како стратегија за диверзификација.

Канадската влада веќе ја опишува Европа како природен партнер во процесот на диверзификација на канадските економски и стратешки односи. ЕУ е втор најголем трговски партнер на Канада, со околу 178 милијарди канадски долари трговија со стоки и услуги во 2025 година, додека европските директни инвестиции во Канада се проценети на 217 милијарди канадски долари.

Оттука, за Канада создавањето подлабока врска со Европа би имало две функции. Првата е економска: создавање алтернативни пазари, инвестиции и синџири на снабдување. Втората е геополитичка: создавање поголем простор за маневрирање во односите со Вашингтон.

Тоа е суштинска разлика, Канада не мора да избира меѓу Америка и Европа. Таа може да се обиде да изгради позиција во која има силни односи со двете страни, но не зависи критично од едната.

Американската перспектива: најчувствителната димензија

Од американска перспектива, оваа иницијатива е многу посложена. Вашингтон традиционално ја гледа Канада како дел од северноамериканскиот економски и безбедносен простор. Двете држави се длабоко интегрирани преку трговија, енергетика, индустриски синџири и одбрана, а двете се членки на НАТО.

Затоа, продлабочувањето на европско-канадската интеграција би можело да се гледа во Вашингтон на два различни начина.

Од една страна, постои позитивен аспект. Посилна Канада, со поголеми одбранбени капацитети, поголема економска отпорност и поголема соработка со европските сојузници, може да придонесе кон поширока западна безбедност. Особено значајна е соработката во Арктикот и одбранбената индустрија.

Од друга страна, постои и потенцијален стратешки трошок. Ако Канада постепено ги пренасочи трговските, индустриските и технолошките врски кон Европа, САД би можеле да изгубат дел од својата економска предност во односите со северниот сосед. Особено чувствителни би биле критичните минерали, енергетиката, автомобилската индустрија, технологијата и одбранбеното производство.

Американската администрација во моментов го третира спорот со Канада првенствено како прашање на реципроцитет и заштита на американските економски интереси. Вашингтон ги користи царините и другите инструменти за отстранување на трговските бариери и заштита на американските работници и извозници.

Токму затоа европско-канадското приближување може да се сфати како последица на поширокиот спор околу тоа како треба да изгледа северноамериканскиот економски простор. Доколку Вашингтон и Отава постигнат нов договор, европската иницијатива може да стане дополнителен столб на западната соработка. Доколку конфликтот продолжи, таа може да стане дел од процесот на постепено економско оддалечување на Канада од САД.

Пoтенцијалните придобивки се значителни.

  1. Поголема економска диверзификација. Канада би добила поголем пристап до европскиот економски простор, додека Европа би добила подобар пристап до канадските ресурси, технологии и инвестиции. Тоа би можело да создаде пократки и посигурни синџири на снабдување за критични суровини.
  2. Посилна западна одбранбена индустрија. ЕУ и Канада веќе ја продлабочуваат одбранбената соработка. Канада се приклучи кон европската иницијатива SAFE во 2026 година, а двете страни работат на поголема индустриска интеграција. Доколку ова се прошири, би можеле да се создадат прекуокеански производни синџири за муниција, системи за противвоздушна одбрана, беспилотни системи, сензори и други технологии.
  3. Арктикот. Ова е потенцијално една од најважните области. Канада е арктичка сила. Европа има сè поголем безбедносен интерес кон Арктикот. Продлабочена соработка би можела да опфати инфраструктура, сателитски системи, поморска безбедност, енергетика, критични минерали и следење на северните поморски рути.
  4. Намалување на зависноста од нестабилни синџири. Критичните минерали и енергетските ресурси стануваат дел од националната безбедност. Подлабока ЕУ-Канада соработка би можела да му помогне на Западот да создаде поразновидни синџири на снабдување, наместо критичните ресурси да зависат од ограничен број производители.
  1. Нов модел на европска интеграција. Ова можеби е најзначајната долгорочна последица. Ако моделот функционира, ЕУ би можела да развие систем со повеќе концентрични кругови: полно членство – висока интеграција – стратешко партнерство – класично партнерство. Тоа би можело да има последици и за идните односи со Обединетото Кралство, Украина и други држави.

Но постојат и сериозни ризици

Првата слабост е правната. Придружна членка не постои како утврден статус во договорите на ЕУ. Дури и самата Комисија не може еднострано да создаде нова категорија што би имала сериозни права и обврски. За најдлабоките форми на интеграција би биле потребни сложени политички и правни договори меѓу членките.

Втората е проблемот со демократскиот дефицит. Ако Канада добие пристап до делови од единствениот пазар, но нема право на глас во институциите на ЕУ, би се појавил фундаментален проблем: Колку европски правила треба да прифаќа држава која нема европски претставници што учествуваат во нивното донесување? Тоа е проблем со кој веќе се соочуваат земји како Норвешка преку Европскиот економски простор.

Третиот ризик е реакцијата на другите кандидати. Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора поминуваат низ долг и политички тежок процес на усогласување со европското законодавство. Посебен статус за Канада би можел да создаде перцепција дека постои некаков краток пат за богати и стратешки важни држави, додека европските кандидати мораат да поминат низ многу посложен процес. Reuters веќе укажува на ова како потенцијален извор на незадоволство.

Четвртиот ризик е американскиот фактор. Доколку Вашингтон го интерпретира овој процес како создавање европски блок против американските економски интереси, тоа би можело дополнително да ги оптовари трансатлантските односи. Европската комисија нагласи дека партнерството не треба да биде насочено „против“ друга држава. Но геополитичката реалност понекогаш е различна од дипломатската формулација.

Македонската перспектива: Што значи ова за Македонија?

За Македонија ова е особено интересен развој. Нашата стратешка цел останува целосното членство во Европската Унија. Затоа не треба да се создава погрешна аналогија меѓу канадскиот модел и процесот на пристапување на Македонија.

Канада не е кандидат за членство, Македонија е европска држава која настојува да стане полноправна членка. Тие се две различни категории. Но развојот сепак е важен за македонската стратешка анализа затоа што покажува дека Европската Унија можеби постепено размислува за нова архитектура на своите надворешни односи.

За Македонија тоа отвора едно пошироко прашање: Дали идната Европа ќе биде само Унија на членки или поширока политичко-економска заедница со различни степени на интеграција? Одговорот на ова прашање е многу важен и за целиот Западен Балкан. Доколку Европа навистина создава различни степени на интеграција, земјите од регионот би можеле да добијат дополнителни механизми за економска, безбедносна и институционална интеграција и пред полноправното членство.

Но тоа не смее да стане замена за членството. За Македонија, секој модел на партнерство треба да се гледа како дополнување, а не како алтернатива на европската интеграција.

Геoполитичкиот тест

Најголемата вредност на канадскиот предлог можеби нема да биде во самата трговија. Вистинскиот тест ќе биде дали Европа и Канада можат да создадат функционален механизам за заедничка економска безбедност, критични минерали, енергетика, технологија, одбрана и Арктикот.

Ако успеат, денешниот предлог би можел да стане почеток на нов модел на сојузништво меѓу демократски држави. Ако не успеат, „придружното членство“ ќе остане дипломатски симбол без значајна институционална содржина. И тука доаѓам до најголемата дилема.

Европската Унија се обидува да ја прошири својата геополитичка тежина без формално проширување на своите граници. Канада се обидува да ја зголеми својата стратешка автономија без прекин на традиционалниот однос со Соединетите Американски Држави. САД, пак, се соочуваат со можност нивниот најблизок северен сојузник да стане економски и стратешки многу поблиску поврзан со Европа. Затоа прашањето е, дали Западот е на прагот на создавање нова мрежа на сојузништва во која класичното членство повеќе нема да биде единствениот модел на стратешка интеграција? Доколку одговорот е позитивен, канадскиот случај би можел да биде првиот експеримент. А последиците нема да се почувствуваат само во Брисел и Отава, последиците ќе се почувствуваат и во Вашингтон, Лондон, Киев, и во Скопје.

Раби Седрак

Институт за Стратегиски и Безбедносни Студии


 

Поврзани содржини