КАНАДА И ЕВРОПА СЕ СИЛНИ, АМА ЗАЕДНО СЕ ПОСИЛНИ Карни откри како го замислува канадското придружно членство во ЕУ

Канадскиот премиер Марк Карни во Европскиот парламент зборуваше за „длабока соработка“ во областа на клучните минерали, одбранбените капацитети, вештачката интелигенција, енергетската безбедност, вселенските технологии и системите за плаќање.

71

 

Канадскиот премиер Марк Карни во обраќањето пред Европскиот парламент денеска опиша како би можело да изгледа придружното членство на Канада во ЕУ, со соработка во новите технологии и одбраната, интеграција на финансиските пазари и приклучување на Канада кон програмата Еразмус.






Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера во годишното обраќање пред ЕП најави иницијатива Канада да стане првата придружна членка на Унијата.

– Канада и Европа се силни сами по себе, но се посилни заедно – рече канадскиот премиер во говорот во Стразбур.

Тој ја поздрави амбицијата, нагласувајќи дека огромното мнозинство Канаѓани поддржуваат многу поблиски односи со Европа.

– Алијансата за иднината е уникатен, позитивен пристап што ќе го дефинираме заедно, градејќи врз нашите заеднички предности и врз основа на нашите споделени вредности – рече Карни.

Статусот „придружна членка“ во моментов не постои во системот на ЕУ, а Карни рече дека Отава и Брисел „заеднички ќе дефинираат“ што ќе значи ова.

Карни зборуваше за „длабока соработка“ во областа на клучните минерали, одбранбените капацитети, вештачката интелигенција, енергетската безбедност, вселенските технологии и системите за плаќање.

Северноамериканската земја е голем производител на течен природен гас (ЛНГ), важен за европската енергетска безбедност, и има големи резерви на критични минерали. На Европа ѝ се потребни овие минерали, а на Канада ѝ се потребни европски капацитети за нивна преработка, нагласи Карни, сугерирајќи дека неговата земја би можела да изгради пристаниште на источниот брег за извоз на ЛНГ преку Атлантикот.

Карни повика на олеснување на трговијата со услуги и на зајакнување на врските меѓу Европејците и Канаѓаните за да можат „да работат, да учат и да живеат каде што сакаат“.

Тој најави дека Канада би можела да се приклучи на европската програма Еразмус, како и на Хоризонт.

Предложи и интеграција на финансиските пазари.

Канадскиот премиер, исто така, наведе што не предлага – создавање на трет блок кој би станал нов светски ривал, „само со подобри манири“.

– Не сакаме моќ да доминира над другите. Напротив, се стремиме да изградиме отпорност, така што никој не може да ги контролира нашите отворени пазари, да го загрози нашиот суверенитет и територијален интегритет или да ги поткопа нашите слободи, демократии и владеењето на правото – рече Карни.

Во Европскиот парламент тој зборуваше на англиски и на француски јазик, а го цитираше „Фауст“ од Гете на германски јазик.

Карни се обидува да ги продлабочи врските со ЕУ, вториот најголем трговски партнер на Канада, бидејќи односите со САД, најголемиот економски партнер, станаа сериозно затегнати под водство на претседателот Доналд Трамп.

Сепак, зближувањето меѓу Канада и ЕУ тешко дека ќе го замени односот меѓу двете северноамерикански земји, кои имаат една од најголемите трговски размени во светот. САД купуваат речиси три четвртини од канадскиот извоз.

Лани САД и Канада разменија услуги и производи во вредност од 900 милијарди долари, а трговијата меѓу Канада и ЕУ изнесуваше 130 милијарди долари.

 

Поврзани содржини