ОЕЦД ПОВИКА ВЛАСТИТЕ ДА ГИ МАПИРААТ КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ Во Македонија е потврден бакарот во Иловица и се истражува антимонот кај Крива Паланка

Просечното годишно производство би било 16 илјади тони бакар, а во предфизибилити студијата биле утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда. Според инвеститорот, рударскиот комплекс Иловица-Штука е дизајниран како модерен рудник кој ги имплементира принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој.

0

Побарувачката за критични минерали е на рекордно високо ниво, бидејќи тие се од суштинско значење за развојот на националната одбрана и технологиите, како и за енергетската транзиција, се вели во новиот извештај на Организацијата за економска соработка и развој (OECD). Сепак, се истакнува дека глобалните инвестиции во геолошките истражувања на овие минерали се соочуваат со предизвици поврзани со ископот на рудите и нивната преработка. Препорака на аналитичарите е да се следи потеклото на минералите, сопственоста врз клучните капацитети и движењето на минералите низ синџирот, зашто така би можеле да се надминат ризиците и синџирите на снабдување да станат поотпорни. Дополнително, се препорачува властите да ги утврдат капацитетите што државата ги поседува.

Што се однесува до критичните материјали во Македонија, во моментов активно е геолошко истражување за утврдување на количината на антимон во близина на Крива Паланка. Ова истражување е финансиски помогнато преку Стратешкиот дијалог со САД и се одвива на наоѓалиште од кое во минатото се експлоатирал антимон. Потврдено наоѓалиште за критичен минерал за кое веќе постои инвестициски план е Иловица. Присуството на бакар на оваа локација е започнато да се истражува со дозволата за детални геолошки истражувања издадена во 2004 година. Тестирањата потврдиле искористување на 84 отсто за бакарот. Просечното годишно производство би било 16 илјади тони бакар, а во предфизибилити студијата биле утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда. Според инвеститорот, рударскиот комплекс Иловица-Штука е дизајниран како модерен рудник кој ги имплементира принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој.






Токму бакарот е еден од металите за кој изминатиов период се почесто се зборува на светско ниво, поради рекордните цени поттикнати од високата побарувачка на индустријата. Овој проблем резултира и со несекојдневни чекори помеѓу конкурентски компании кои веќе започнаа да потпишуваат и Меморандуми за соработка за проекти за ископ на бакар. Австралиската компанија BHP, најголемата светска рударска компанија, и KGHM – Полска, ги здружија силите во потрагата по нови наоѓалишта на бакар ширум светот. KGHM е вториот најголем светски производител на сребро и најголемиот производител на бакар во Европската Унија, со активности во Полска, како и во САД, Канада и Чиле. BHP управува со големи рударски и ресурсни проекти низ Австралија, Канада, Чиле, Перу, Бразил и Соединетите Американски Држави.

– На светот ќе му биде потребен повеќе бакар, поради традиционалниот економски раст, но и енергетската транзиција и дигиталните инвестиции. Фокусирани сме на остварување раст со висок принос преку иновативни партнерства како ова – изјави Брендон Крејг, извршен директор на BHP.

– Меморандумот за разбирање обезбедува платформа за соработка меѓу KGHM и BHP и го одразува нашиот заеднички интерес за размена на гледишта и истражување на потенцијални можности за идна соработка. Размената на искуства меѓу рударските компании што работат во различни региони и јурисдикции би можела да донесе придобивки за целата индустрија – оцени Ана Собиерај-Козакјевич, потпретседателка на KGHM.

Инаку, за да се надминат проблемите со потеклото и недостигот од критични минерали, ОЕЦД препорачува повеќе мерки.

„Сегашните алатки за следење на критични минерали остануваат фрагментирани, при што многу системи се развиваат во рамките на поединечни компании, а не преку сеопфатни рамки достапни низ целата индустрија. Таа фрагментација може да оневозможи да се дознае кој ги контролира критичните минерали. Трговците имаат највисоки стапки на имплементација на системи за следење, додека рударите имаат најниски. Компаниите, исто така, се соочуваат со трошоци и оперативни проблеми. Испитаниците во анкетата на OECD рекоа дека главен приоритет треба да биде поголема регулаторна конзистентност и споделувањето на податоците помеѓу земјите, со компаниите и со јавноста“, се потенцира во извештајот.

На краток рок, Организацијата бара владите повеќе да ги користат системите што им се на располагање – да ги мапираат добавувачите и билатералните договори за минерали. На среден рок, властите ќе треба да ги зајакнат податоците, ангажирајќи се повеќе со производителите, берзите и топилниците. Долгорочните мерки би барале меѓународна соработка за споделување на податоци за прекугранично следење и усогласување на стандардите. ОЕЦД соопшти дека клучна е соработката и меѓу организациите, вклучувајќи ги Г7 и Меѓународната агенција за енергетика, заедно со трговските партнери, како и Европската Унија.

Поврзани содржини