УБАВА ВЕСТ ЗА СКОПЈАНИ Распишан е тендерот за системот БРТ, тече рокот за пријавување
Град Скопје ја отвори претквалификациската постапка за првата линија на БРТ, а компаниите ќе можат да се пријавуваат до 2 ноември.
Распишана е тендерската постапка за претквалификација за брзиот автобуски превоз во Скопје, соопшти денеска градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Огласот е објавен и на електронскиот портал за набавки на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Станува збор за БРТ Линија 1, со коридорот, депото во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров. Постапката е отворена до 2 ноември.
– Беше навистина тешко изминатиот период да се надминат сите пречки и предизвици кои беа поврзани со овој проект, но благодарение на целиот тим во Градот Скопје, благодарение на ЕБОР и поддршката на Владата, конечно денеска е распишана тендерската постапка – изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги повика заинтересираните компании од земјава и од регионот да се вклучат во постапката за да има поголема конкуренција.
– Конечно една од трите важни работи за скопјани поврзани со градскиот транспорт доаѓа до својот фотофиниш, а тоа е БРТ – рече Ѓорѓиевски.
Објавениот повик е за претквалификација, по што следуваат натамошните чекори од тендерската постапка. Според документацијата на ЕБОР, набавката е организирана како отворен двофазен тендер.
Ѓорѓиевски најави дека БРТ треба да биде дел од пошироката промена на јавниот превоз во главниот град, заедно со набавката на 100 автобуси и плановите за градски железнички превоз.
– Верувам дека до крајот на овој мој мандат скопјани ќе можат со задоволство да го користат и овој проект – изјави Ѓорѓиевски.
Официјалниот повик на ЕБОР е објавен денеска во 14:24 часот, а како предмет ги опфаќа коридорот на БРТ Линија 1, депото во Ново Лисиче и надградбата на депото во Ѓорче Петров.