🎥 СЕ УРНА ВИСОКОКАТНИЦА ВО ГАЗА, НАЈМАЛКУ 16 МРТВИ, 14 ПОВРЕДЕНИ Под урнатините има уште десетици луѓе

Палестинската Цивилна заштита тврди дека зградата била директно погодена во претходни израелски напади, со што била ослабена нејзината конструкција.

32

Најмалку 16 Палестинци, меѓу кои и пет деца, загинаа откако во текот на ноќта се урна повеќекатна станбена зграда во градот Газа. Спасувачките екипи трагаат по десетици луѓе за кои се стравува дека останале заробени под урнатините.

Палестинската Цивилна заштита во средата соопшти дека во уривањето на зградата загинале најмалку 16 лица, додека уште 14 биле повредени.






На снимките што ги верификуваше Ал Џезира се гледаат спасувачи и жители како заеднички ги пребаруваат урнатините. Поради недостиг на соодветна опрема, граѓаните со голи раце отстранувале делови од урнатините.

Според сведоци и верификуваните снимки, од под урнатините можеле да се слушнат повици на деца кои барале помош. На една од снимките се гледа девојче кое спасувачите живо го извлекуваат од урнатините. Од зградата биле извлечени и уште неколку преживеани, меѓу кои и мали деца, кои потоа биле пренесени со возила на итната медицинска помош.

Палестинската Цивилна заштита тврди дека зградата била директно погодена во претходни израелски напади, со што била ослабена нејзината конструкција, што, според соопштението, на крајот довело до уривање.

Во текот на војната во Газа биле оштетени или уништени илјадници објекти, додека израелските ограничувања за внесување градежен материјал и тешка механизација дополнително го отежнале поправањето на оштетените згради и расчистувањето на урнатините.

Поврзани содржини