ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ГО СЕЛАТ ПРОИЗВОДСТВОТО ВО КИНА Што може да очекуваат македонските погони кои работат за нив?
Во периодот од јануари до јуни, германските компании инвестирале околу 5,6 милијарди евра во Кина, што е за околу една третина повеќе отколку во истиот период минатата година, заклучија експертите на IW врз основа на анализа на податоците од германската централна банка
Германските компании значително ги зголемија своите инвестиции во Кина во првата половина од годината, според истражувањето на Германскиот економски институт (IW).
Во периодот од јануари до јуни, германските компании инвестирале околу 5,6 милијарди евра во Кина, што е за околу една третина повеќе отколку во истиот период минатата година, заклучија експертите на IW врз основа на анализа на податоците од германската централна банка.
Годишната споредба покажува силен раст, но тој износ всушност е на ниво на просекот за периодот од 2020 до 2025 година, според истражувањето.
Кина станува важна за излез на компаниите од нарушената пазарна конкуренција
-Германските компании немаат друг избор освен да продолжат да инвестираат во Кина“, рече економистот на IW, Јирген Матеш, истакнувајќи дека азискиот гигант е важен пазар, но и „фитнес центар“ за конкурентност.
Сепак, производството во Кина е „вештачки“ евтино бидејќи владата ги субвенционира компаниите, додека вредноста на јуанот се одржува ниска за да се одржи евтина кинеска стока во странство.
– Кој сака да преживее во жестоката глобална ценовна конкуренција и да се натпреварува со кинеските компании, мора да произведува повеќе таму и да има корист од нарушената пазарна конкуренција – забележува Матеш.
Германија се празни од компании, повик до ЕУ да преземе мерки
Матес посочува дека овој тренд ја празни германската база на вработеност и побара Европската унија поостро да ги казни кинеските нефер пазарни практики.
-За Германија, сепак, ова значи дека производството и работните места се селат во Кина -предупредува Матеш.
Меѓу германските гиганти кои најавија, изградија или масовно ги прошируваат своите производствени погони и истражувачки центри во Кина, најгласни се компаниите од автомобилската, хемиската и машинската индустрија.
Најголемиот германски авто-производител Фолксваген драстично ги зголеми своите капацитети за електрични возила во Кина. Компанијата официјално најави дека автомобилите и технологиите развиени во нејзините кинеските филијали ќе ги користи за извоз на други светски пазари како Југоисточна Азија, Јужна Америка и Африка. БМВ продолжува со масивни инвестиции во својата главна производствена база во Шенјанг. Компанијата инвестира во проширување на погоните за батерии и локализирање на развојот на паметни возила. Порше го отвори својот прв прекуокеански центар за истражување и развој (R&D) во Шангај со цел да развива софтвер и дигитални системи директно на кинескиот пазар.
Македонските извозници пред нов предизвик
Ова инвестициско пренасочување на Германија може да има сериозни и директни последици врз македонските погони, особено оние лоцирани во ТИРЗ каде што најголемиот дел од странските инвестиции во земјава се германски добавувачи за автомобилската индустрија (кабли, електроника, седишта) за централните германски авто-гиганти (како Volkswagen, BMW и Mercedes).
Кога германските компании го селат фокусот и ги прошируваат капацитетите во Кина под стратегијата „Во Кина, за Кина“, тие таму користат локални, кинески синџири на добавувачи.
Погоните во Македонија веќе се соочуваат и ќе се соочуваат со намален обем на нарачки бидејќи матичните фабрики во Германија го намалуваат сопственото производство поради високите трошоци за енергија и силниот притисок од кинеската конкуренција.
За да останат конкурентни со вештачки евтиното производство во Кина германските фирми вршат огромен притисок врз своите филијали во Источна и Југоисточна Европа да ги скратат трошоците.
Македонските погони ќе мора да испорачуваат поевтини производи за да опстанат во игра. Ова директно ќе се одрази преку замрзнување или намалување на платите на македонските работници, а во полошо сценарио и со оптимизација на работната сила (отпуштања).
Дополнително се намалува и просторот земјава да очекува нови инвеститори од Германија.