ЦЕНТАРОТ ЗА КОМПЈУТЕРСКИ КРИМИНАЛ БРЗО ЈА ОТКРИЛ ЗАКАНАТА КОН МИЦКОСКИ Ѓурчески ја пофали навремената реакција на полицијата

Безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчески вели дека заканата морала да се сфати сериозно бидејќи дошла од лице познато по кривични дела, насилство и физички пресметки.

503

Центарот за компјутерски криминал при МВР брзо ја лоцирал заканата кон премиерот Христијан Мицкоски, утврдил од која социјална мрежа и ИП-адреса доаѓа и стигнал до лицето што ја испратило, изјави безбедносниот експерт Љубомир Ѓурчески во „Колегиум“ на ТВ Алфа.

Според Ѓурчески, брзата интервенција спречила ваквите закани да станат секојдневие и истовремено испратила силна порака до организираните криминални структури во Македонија.






– Мене ме радува фактот што брзо е интервенирано од Центарот за компјутерски криминал при МВР. Брзо лоцираа од каде доаѓа заканата, од која социјална мрежа и од која ИП-адреса – рече Ѓурчески.

Тој ја нагласи сериозноста на случајот и поради профилот на лицето кое на социјалните мрежи се заканило со јавна егзекуција на Мицкоски и упатило неумесни зборови кон неговото семејство.

Ѓурчески тврди дека станува збор за лице добро познато на полицијата, со претходни кривични дела и прекршоци, насилство, физички пресметки и тепачки. Тој дел од својата кариера во МВР ја поминал токму во регионот од каде што доаѓа лицето.

Според неговата процена, заканата добива дополнителна тежина поради поврзаноста на лицето со организирани криминални структури. Ѓурчески посочи дека таквите групи можат да користат тешко насилство, па и да ангажираат платени убијци и ликвидатори за остварување на своите цели.

По идентификувањето на лицето, Обвинителството ги презело мерките во предистражната постапка, била издадена наредба за негово приведување, а од судот била побарана мерка притвор, која, според Ѓурчески, била изречена.

– Добро е што се реагираше брзо. Испратена е силна порака кон организираните криминални структури во Македонија и се спречи ова да стане нечие секојдневие – оцени Ѓурчески.

Тој потсети дека законите предвидуваат посебни кривични дела за заштита на избрани и именувани функционери. Според него, доколку институциите не реагирале навреме, ваквото однесување можело да се прошири и кон други носители на јавни функции.

– Ако не се реагираше брзо, ова можеше да продолжи и кон други – пратеници, судии, обвинители – предупреди Ѓурчески.

Осум дена притвор му е определен на 39-годишниот А.Д. од кумановското село Черкези, поради закани упатени кон премиерот преку социјалните мрежи.

„СУМ БИЛ СВИЊА И ЌЕ МЕ КОЛЕЛ НА ПЛОШТАД!?“ Мицкоски ги опиша заканите од 39-годишниот кумановец

 

Поврзани содржини