УКРАИНА НАПАДНА РУСКА РАФИНЕРИЈА И ПОКРАЈ АПЕЛИТЕ НА ТРАМП Русија не ги коментира неговите изјави за „енергетско примирје“

По изјавата на Трамп дека Русија и Украина се согласиле да не напаѓаат инфраструктурни енергетски објекти, цената на нафтата „Брент“ падна на околу 106 од 110 долари за барел.

136

Украина во текот на ноќта со дронови нападна индустриски објект во Русија, оштетувајќи го објектот и неколку станбени згради во југоисточниот регион Самара, соопштија руските власти.

Околу 40 дронови беа соборени, соопшти денеска руската државна новинска агенција Тас, повикувајќи се на регионалниот гувернер Вјачеслав Федоришчев. Не се пријавени смртни случаи.






Украинските медиуми јавија дека цел на индустрискиот објект била рафинерија за нафта.

Нападот следува откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Русија и Украина се согласиле да се воздржат од напади врз енергетската инфраструктура на другата страна, пренесе ДПА.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Киев и Москва се договориле да не напаѓаат енергетски цели, што од украинска страна го потврди и претседателот Володимир Зеленски, изразувајќи сомнеж дека и Русија ќе се согласи на тоа, пренесуваат агенциите.

– Украина се согласи да не ги напаѓа руските енергетски цели. Русија се согласи да го стори истото! – нагласи Доналд Трамп, додавајќи дека растот на цените на дизел-горивото е предизвикан од војната во Украина, а не од војната со Иран.

Украинскиот претседател Зеленски изјави вчера дека Киев е подготвен да го поддржи предлогот на САД за прекин на нападите врз енергетските постројки, но само доколку Вашингтон може да гарантира дека Москва навистина е подготвена да ја прекине војната против Украина.

Москва сè уште не ја коментирала изјавата на Трамп.

Веднаш по оваа изјава на Трамп, цената на нафтата „Брент“ падна на околу 106 долари за барел, откако во понеделникот достигна четиримесечен максимум од 110 долари.

Украина во текот на ноќта со ракети нападна и магацини на онлајн трговецот „Озон“ во рускиот град Таганрог. Гувернерот на Ростовскиот Регион, Јуриј Сљусар, изјави дека нема пријавено жртви. Оштетени се и магацини на земјоделски претпријатија, станбени згради и образовна институција, рече тој.

Украина изврши жестоки напади врз руската нафтена индустрија во последните месеци, што повремено предизвика недостиг на гориво во земјата.

Москва одговори со целни напади врз енергетските објекти во Украина и погоди бензински пумпи.

Во меѓувреме, руски дронови во текот на ноќта го погодија Киев, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко на Телеграм. Погодена е бензинска пумпа, додека едно лице е повредено во друг регион.

Поврзани содржини