ТРИГОДИШНО ДЕТЕ БИЛО САМО ВО СТАН ШТО СЕ ЗАПАЛИЛ ВО ЗАДАР Се бори за живот, со тешки изгореници

Според лекарите детето има изгореници претежно од втор степен, со зафатеност до 60 проценти од телото и изгореници од инхалација и животот му е во опасност.

93

 

Тригодишно дете се бори за живот по пожарот што избувна синоќа во станбена зграда во Задар. Пожарот го зафати станот на четвртиот кат, а според неофицијални информации, детето било само во станот во моментот на пожарот, јавија хрватските медиуми.






Пожарникарите од Задар ја примиле пријавата во 19:50 часот и веднаш излегле на терен со 5 возила. Кога влегле во станот на четвртиот кат, на улицата Франка Лисица, виделе дека горат кујната и дневната соба, а во соба полна со чад пронашле тешко повредено тригодишно дете.

– Кога стигнавме на терен, кујната беше зафатена, гореше и каучот. Внатре пронајдовме дете, кое го предадовме на службите за итни случаи – изјави командантот на смена во Јавната противпожарна служба на Задар.

Пожарот во кој изгореа двете соби беше брзо ставен под контрола и изгаснат.

Детето е пренесено со брза помош во Општата болница во Задар, каде што лекарите веднаш го сместиле на Одделот за интензивна нега. Добило тешки изгореници на голем дел од телото, а оштетени му се и респираторните патишта.

– Првичната обработка утврди дека станува збор претежно за изгореници од втор степен, со некаде помеѓу 40 и 60 проценти од телото и изгореници од инхалација. Веднаш по пристигнувањето се почнати мерки за реанимација и детето е интубирано и сместено на Одделот за интензивна нега. Животот на детето е во опасност – вели помошникот директор на болницата во Задар, д-р Недељко Јовиќ.

Точната причина за пожарот во станот сè уште не е позната. Полицијата го обезбедила местото на пожарот, а деталите и околностите за несреќата ќе бидат познати по истрагата.

Поврзани содржини