АДВОКАТОТ СТРАШЕВСКИ ОБВИНУВА ЗА ТАЈНИ ЛИСТОВИ НА СУДЕЊЕТО ЗА „ПУЛС“ Прашува дали вештакот однапред ги знаел прашањата на Обвинителството
Со дополнително испрашување на градежните вештаци од страна на Обвинителството денеска заврши доказната постапка на обвинителите во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по што ќе почне изнесувањето на доказите на одбраната на 34 обвинети физички и 3 правни лица.
Со дополнително испрашување на градежните вештаци од страна на Обвинителството денеска заврши доказната постапка на обвинителите во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, по што ќе почне изнесувањето на доказите на одбраната на 34 обвинети физички и 3 правни лица.
Вештаците цитираа законски одредби со што допрецизираа каде е одговорноста на обвинетите лица од надлежните институции.
– Од 2012 година па наваму имало шаренолики пријави за добивање лиценци за работа на „Пулс“, во смисла на исполнување на минимално-техничките услови. Од документацијата се гледа дека биле оставани празни полиња за податоците за тоа во чија сопственост е угостителскиот објект, дали е под закуп, дали има приод до објектот, дали има или нема излези, број на конзумни места, вентилација итн. Сè се тоа безбедносни аспекти. Натаму, деклариран е простор од 300 метри квадратни за послужување. Тука не влегува површината за бина, шанковите и друго. Ова требало да биде доволен сигнал дека површината на објектот мора да биде поголема, за да се пресметаат број на излези, вентилација, противпожарна заштита. Од ова зависат безбедносните апекти. Но, и покрај тоа што површината била поголема, во континуитет се издавале лиценци за кабаре – рече вештак.
Во врска со денешното испрашување на вештите лица, адвокатот Јовица Страшевски во соопштение до медиумите истакна дека на рочиштето се отворило сериозно прашање за начинот на кој вештото лице Викторија Будимовска-Скаричева ги даваше своите одговори.
„Пред судот, вештото лице читаше од листови со однапред подготвен текст, кои, според одбраната, не се составен дел од наодот и мислењето на вештачењето. Одбраната побара судот да изврши увид и да ги обезбеди тие листови, но обвинителката Наташа Сарамандова се спротивстави, а судот не изврши увид. Нашето клучно прашање беше: од каде Викторија Будимовска-Скаричева ги знаела прашањата на обвинителката Наташа Сарамандова за однапред да подготви одговори? Ова не е небитна формалност. Ако постојат писмени материјали од кои вештото лице чита пред судот, одбраната има право да знае што содржат тие и врз која основа се подготвени, кој ги подготвил? Со ваквото постапување се доведува во прашање кредибилитетот на вештото лице и неговата пристрасност во исказот, а вештото лице е под заклетва пред судот“, вели Страшевски.
Во судница не смее да има тајни листови, додава тој.
„Ако нивната содржина е законита и ирелевантна за спорот – тогаш зошто судот не дозволи увид? Ова прашање остана без одговор и токму затоа одбраната ќе инсистира да се расчисти сето ова“, реагира Страшевски, кој е бранител на Јане Јанчевски, директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.