ОДБРАНАТА НА ПРВООБВИНЕТИОТ ЗА ПОЖАРОТ ВО „ПУЛС“ НАЈАВИ ГАРАНЦИИ ВО ИМОТ Притворот на Дејан Јованов истекува на 3 октомври

Ние не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов, ја негираме правната квалификација на делото, не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност, рече адвокатката Ивана Коцевска.

0

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе гаранција во имот за определување мерки на претпазливост, затоа што на 3 октомври по сила на законот му истекува едногодишниот притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште во судницата во Идризово побара дозвола од судот нотар да го посети Јованов во притвор, за да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како дел од гаранцијата.






– По сила на законот на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека судот може да даде само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување гаранција – изјави Коцевска.

Вината што на овој судски процес сè уште не му се гледа крајот, според Коцевска, се широко опфатеното обвинение и долгата временска рамка и неможноста за докажување одговорност.

– Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бариме да му бидат почитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети – рече Коцевска.

Таа нагласи дека одбраната е спремна да предложи гаранција заради поголема сигурност и за судот и за јавноста дека Јованов ќе биде обезбеден, присутен и достапен во целост во понатамошниот тек на постапката.

Одговарајќи на новинарско прашање на пауза од денешното рочиште, Коцевска нагласи дека тие не негираат одговорност кај Дејан Јованов, туку дека нивната борба е да се утврди реална правна квалификација за одговорноста кај него, што, како што нагласи, не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност.

– Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот на кој тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за што ние се бориме – изјави Коцевска.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска постети дека уште од почетокот на судскиот процес се почитува и ќе се почитува законот и правото за секој.

– Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на судот, притворот од една година мора да заврши – рече судијката Груевска-Илиевска.

Родителите на децата што ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“, прашани за истекот на затворскиот притвор на првообвинетиот Јованов и дали стравуваат дека обвинетиот ќе биде обезбеден и ќе доаѓа редовно на судење како досега, порачаа дека веруваат во обвинителството и во судот, нагласувајќи дека тие знаат дека Јованов излегува на 3 октомври.

– Имаме доверба во нив, мислиме дека и до крај треба да имаме доверба во нив, бидејќи тие се исто од наша страна. Не смееме постапката да ја одолговлекуваме како што гледаме. И уште еднаш ќе кажам дека имаме доверба во обвинителството и во судот, и мислам дека нашите деца заслужуваат правдата да испадне на виделина, бидејќи цело Кочани е завиено сè уште во црно – изјави Александар Наунов.

Денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а 222 беа повредени, продолжува со дополнителни прашања од Обвинителството за градежните вештаци што учествувале во изработката на градежното вештачење.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распитот на вештите лица, треба да заврши доказната постапка на Обвинителството по што одбраната ќе почне со изведување докази.

Поврзани содржини