САД САКААТ СРБИЈА ДА СОРАБОТУВА СО НИВ ЗА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Реакција на Стејт департментот за зближувањето на Белград и Пекинг
САД ја охрабруваат Србија да го развие својот целосен потенцијал и да ја обезбеди својата национална безбедност со избирање сигурни извори и добавувачи на опрема и технологија за вештачка интелигенција, како и со избирање сигурни партнери како САД, порачува Стејт департментот.
Иднината на српската економија зависи од политичките одлуки денес, предупреди Стејт департментот на САД, по повод зближувањето меѓу Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, а ЕУ соопшти дека поблиската поврзаност на Србија со кинеските технологии го комплицира усогласувањето со барањата на Брисел на европскиот пат, објави Радио Слободна Европа.
Според медиумот, Стејт департментот не сака директно да коментира за зближувањето меѓу официјален Белград и Пекинг во областа на вештачката интелигенција, но истакнува дека е очигледно која страна треба да се поддржи.
„САД ја охрабруваат Србија да го развие својот целосен потенцијал и да ја обезбеди својата национална безбедност со избирање сигурни извори и добавувачи на опрема и технологија за вештачка интелигенција, како и со избирање сигурни партнери како САД“, се вели во одговорот до РСЕ.
Од Стејт департментот потсетуваат дека САД се предводници во технологијата за вештачка интелигенција и дека тоа е златен стандард за технологија која е „одговорно развиена, заснована на транспарентност и ослободена од идеолошки предрасуди и манипулации наметнати од властите“.
„Кога земјите ги усвојуваат американските системи за вештачка интелигенција, тие не купуваат само инфраструктура како потрошувачи, тие отклучуваат иновативни можности за своите економии и граѓани“, се вели во одговорот од Стејт департментот.
Во исто време, Европската комисија потсетува дека усогласувањето со правилата на Европската Унија во областа на вештачката интелигенција е дел од поширокиот процес на европска интеграција.
– Како дел од процесот на пристапување, Србија се обврза да го усогласи своето законодавство со овие регулативи – изјави портпаролот на ЕК.
Од Институтот на ЕУ за безбедносни студии велат дека подлабоката интеграција со кинеските технолошки екосистеми може да го комплицира последователното усогласување со барањата на Брисел на европскиот пат.
Во мај, во присуство на претседателите на државите Александар Вучиќ и Си Џинпинг, во Пекинг беше потпишан меморандум за соработка меѓу двете земји во областа на вештачката интелигенција.
Два месеци подоцна, во јули, во Шангај, претставници на 29 земји, вклучувајќи ја и Србија, потпишаа договор за основање на Светската организација за соработка во областа на вештачката интелигенција. Од европските земји, само Русија и Белорусија се потписнички.
На почетокот на 2025 година, Владата на Србија усвои нова Стратегија за развој на вештачката интелигенција до 2030 година, која предвидува дополнителни инвестиции во истражување, компјутерска инфраструктура и примена на системи за вештачка интелигенција во јавниот сектор.