ЕДНАКВА ПЛАТА ЗА ЕДНАКВА РАБОТА Се подготвува закон за системот на плати во јавниот сектор
Воспоставувањето поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати е една од важните реформи на кои Министерството за јавна администрација посветено работи, вели министерот Горан Минчев.
Системот на плати во јавниот сектор денес сè уште се карактеризира со различни правила, процедури и практики меѓу институциите. Тоа создава нееднаквости и ја отежнува примената на јасни и единствени стандарди за вреднување на работата. Затоа, воспоставувањето поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати е една од важните реформи на кои Министерството за јавна администрација посветено работи, рече министерот Горан Минчев, на TAIEX експертска мисија посветена на воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор.
Во насока на оваа реформа, денеска почнала петдневна TAIEX експертска мисија посветена на воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор, соопшто Министерството.
Мисијата ја отворијаминистерот за јавна администрација, Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Грција, Христина Василату. Експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот единствен систем на исплата, модел кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.
– Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да биде реално применлив во целиот јавен сектор – порача министерот Минчев.
Министерството работи на новата законска рамка за системот на плати. Се очекува законското решение да биде готово до крајот на 2026 година, а неговото постепено и систематско спроведување да започне во 2027 година.
Минчев вели дека ние не сакаме да копираме туѓ модел.
– Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови да изградиме решение кое ќе биде функционално и применливо – рече тој.
Според Минчев, целта е да се создаде систем што нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за носење јавни политики.
За Министерството за јавна администрација, ова е конкретен чекор во реформата за градење на поефикасен и поправеден систем на плати, систем во кој правилата се јасни, одговорноста е прецизно утврдена, а јавните средства се управуваат поефикасно и потранспарентно.