Мелонизација или орбанизација? Новите патишта на политичката десница во Европа и на Балканот
Кај мелонизацијата основното прашање е: како национално-конзервативната десница да стане прифатлив и траен дел од постојниот демократски и европски систем? Кај орбанизацијата прашањето е: како освоената политичка моќ да се искористи за подолгорочно преобликување на самиот политички и институционален систем?
Европската политичка десница во последната деценија минува низ трансформација која тешко може да се објасни само со традиционалните категории левица–десница, конзервативизам–либерализам или проевропеизам–евроскептицизам. Партиите кои некогаш беа сметани за периферни, протестни или радикални денес сè почесто претендираат да станат легитимни носители на власта.
Во таа трансформација особено се издвојуваат два различни политички модели: мелонизацијата и орбанизацијата.
И двата се поврзуваат со националниот конзерватизам, суверенитетот, идентитетот, традиционалните вредности и критиката на прекумерната централизација на Европската Унија. Но зад оваа почетна сличност се кријат значајни разлики во сфаќањето на власта, институциите, политичкиот плурализам и односот кон европскиот политички систем.
Што претставува мелонизацијата?
Поимот „мелонизација“ произлегува од политичкиот подем и начинот на владеење на италијанската премиерка Џорџа Мелони и нејзината партија „Браќа на Италија“. Мелони не се откажа од темите што ја профилираа како национално-конзервативен политичар: националниот идентитет, традиционалното семејство, демографијата, контролата на миграцијата, безбедноста и суверенитетот. Но доаѓањето на власт покажа значително поголем политички и геополитички прагматизам отколку што многумина претходно очекуваа.
Италија остана цврсто позиционирана во ЕУ, НАТО и западниот политички простор, а Мелони од протестен политичар постепено се трансформираше во еден од релевантните европски државници.
Оттука, мелонизацијата може да се дефинира како процес во кој национално-конзервативна или радикално-десна политичка сила, без целосно да се откаже од својот идеолошки идентитет, се трансформира во институционално прифатлива, меѓународно кооперативна и владејачки способна политичка партија. Не станува збор толку за идеолошко движење кон центарот колку за движење кон политичкиот мејнстрим.
Во тоа се состои и основниот парадокс на мелонизацијата: институционализирање и прагматизирање на политичкиот настап, без напуштање на основниот идеолошки идентитет. Партијата останува десна, но станува поинституционална. Ја задржува националната реторика, но ја намалува антисистемската реторика. Го брани суверенитетот, но не ја отфрла европската интеграција. Од протестна сила станува сила која сака и умее да управува.
Наједноставно кажано, мелонизацијата значи: од протест кон владеење, од политичка периферија кон мејнстрим и од радикална реторика кон институционализиран национален конзерватизам.
Орбанизацијата како различен модел
Орбанизацијата претставува поинаква политичка логика. Виктор Орбан и Фидес, во текот на долготрајното владеење во Унгарија, развија модел во кој политичката победа не значеше само право да се владее, туку и можност подлабоко да се преобликува институционалниот систем. Поради тоа „орбанизацијата“ треба да се разбира како политиколошки модел, а не само како опис на една конкретна влада или политичка личност.
Орбановиот модел се темели врз силна извршна власт, суверенистички дискурс, нагласување на христијанскиот и националниот идентитет и остри судири со европските институции околу прашањата на владеењето на правото, финансиите, медиумите и институционалните ограничувања.
Затоа разликата меѓу мелонизацијата и орбанизацијата не треба да ја бараме првенствено во тоа кој е „поголем патриот“ или кој е „подесно“. Разликата е пред сè во односот кон институциите и ограничувањето на сопствената политичка моќ.
Кај мелонизацијата основното прашање е: како национално-конзервативната десница да стане прифатлив и траен дел од постојниот демократски и европски систем? Кај орбанизацијата прашањето е: како освоената политичка моќ да се искористи за подолгорочно преобликување на самиот политички и институционален систем?
Со други зборови, мелонизацијата настојува десницата да ја внесе во мејнстримот, додека орбанизацијата тежнее мејнстримот и институциите да ги приспособи кон новата доминантна политичка сила.
Европа се движи надесно или десницата се движи кон Европа?
Тука се појавува уште една интересна дилема. Можеби не се менува само десницата. Миграцијата, заштитата на надворешните граници, демографијата, националниот идентитет, безбедноста, суверенитетот и критиката на прекумерната европска бирократизација денес веќе не се теми резервирани исклучиво за радикалната десница. Дел од нив сè повеќе ги презема и политичкиот центар.
Оттука мелонизацијата може да има двојно движење: десницата се приближува кон мејнстримот, но истовремено и мејнстримот презема дел од некогашните теми на десницата. Затоа клучното прашање за иднината можеби нема да биде само дали европската десница ќе се мелонизира, туку и дали самата Европа постепено ќе се мелонизира под влијание на новата десница.
Балканската десница меѓу Мелони и Орбан
Балканот е особено интересно поле за анализа затоа што национализмот, идентитетската политика, силното лидерство и партизацијата на институциите не се нови феномени во регионот. Затоа „мелонизација на Балканот“ не би значела едноставно повеќе национализам или повеќе патриотска реторика. Напротив. Вистинска мелонизација би значела трансформација на национално-конзервативните и десните партии во модерни, институционално одговорни, економски предвидливи, европски ориентирани и меѓународно кредибилни партии на власта, без тие притоа да се откажат од сопствениот национален и идеолошки идентитет. А тоа би значело да се биде: национален, но не изолационистички; конзервативен, но не антисистемски; суверенистички, но не нужно антиевропски; патриотски, но институционално одговорен.
Орбанизацијата на балканската десница би имала поинаква форма. Таа би се препознавала кога изборната победа постепено се претвора во партиска доминација над институциите, администрацијата, јавните ресурси, медиумскиот простор и механизмите на политичка контрола.
Но токму на Балканот е можен и трет модел – хибрид меѓу мелонизацијата и орбанизацијата. Балканска десна или национално-конзервативна влада може кон Брисел, Вашингтон и меѓународните партнери да настапува како прагматичен, умерен, европски и предвидлив партнер, а дома истовремено да покажува тенденции кон концентрација на политичката моќ, партизација и слабеење на автономијата на институциите. Тоа би можело да се означи со формулата: „мелонизација кон надвор – орбанизација кон внатре“. Оваа комбинација е особено можна во држави со формално воспоставени демократски институции, но со недоволно развиена политичка култура на нивна независност.
Тука се наоѓа и вистинскиот тест за национално-конзервативните и десните партии на Балканот. Не е спорно нивното право да ја нагласуваат нацијата, идентитетот, јазикот, историјата, суверенитетот или традиционалните вредности. Прашањето е друго: што прават со институциите кога ќе дојдат на власт? Дали ги зајакнуваат или ги партизираат? Дали ја почитуваат нивната автономија или ги претвораат во продолжена рака на партијата? Дали ја прифаќаат политичката конкуренција како нормален дел од демократијата или државата постепено ја идентификуваат со сопствената политичка опција?
Токму според тие критериуми треба да се анализираат десните, центар-десните, национално-конзервативните и суверенистичките партии и политички движења во земјите од Западен Балкан, како и во поширокиот балкански политички простор, од Република Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, до Босна и Херцеговина, вклучително и политичките процеси во Федерацијата БиХ и Република Српска, но и во Бугарија и Хрватска.
Не е научно коректно однапред некоја од овие партии да се прогласи за „мелонизирана“ или „орбанизирана“. Но сосема е легитимно да се истражува кон кој од овие модели се приближува нејзиното практично политичко дејствување и, особено, начинот на кој ја практикува власта.
Наместо заклучок
Од сето наведено произлегува дека иднината на новата десница нема да се мери само според бројот на освоени гласови или изборни победи. Многу поважно ќе биде како таа ќе владее откако ќе победи. За Балканот, можеби најголемиот предизвик е да не се воспостави модел во кој десните и национално-конзервативните влади кон Европа и меѓународните партнери настапуваат прагматично, умерено и кооперативно, а во домашната политика ја концентрираат моќта и ја ограничуваат самостојноста на институциите. Токму таквата противречност може да се опише како „мелонизација кон надвор, а орбанизација кон внатре“.
Балканските општества и натаму се соочуваат со последиците од долгогодишната партизација, пребројната и недоволно професионализирана администрација, слабата институционална одговорност и ниската ефикасност. Посебен проблем се партизираните кадри создадени низ повеќе последователни власти. Но департизацијата не смее да значи едноставна замена на „нивните“ со „нашите“, туку создавање професионална администрација која ќе ѝ служи на државата, а не на партијата.
Македонскиот пример особено покажува колку е тешко да се изгради функционална правна држава кога долгогодишната партизација длабоко навлегла во судството, јавното обвинителство и речиси во сите пори на администрацијата. Политичките влијанија, наталожувани низ повеќе власти, создадоа институционални навики и зависности што не исчезнуваат со самата промена на власта.
Одредени сегменти од судството и обвинителството, со години навикнуван да функционира во услови на политички притисоци и налози, партиски влијанија и удоволување на барањата и потребите на политичките моќници од минатото, поврзувани со криминални практики, и денес покажува инерција и отпор, а во одредени случаи и опструктивност, особено кога станува збор за истраги поврзани со високата корупција и организираниот криминал.
Затоа, колку и актуелната власт да има политичка волја за промени, таа волја останува сериозно ограничена од долгорочно воспоставениот и институционално деформиран систем.
За реализација на таквата волја и за вистинска промена е потребно цврсто, но праведно и одговорно раководење, своевидна диригентска палка што ќе воспостави јасни правила, ќе бара резултати и ќе санкционира злоупотреби, секогаш во рамките на законот и без партиски реваншизам. Цврстината на власта не треба да се мери според тоа колку институции контролира, туку според тоа колку е способна да ги направи професионални, ефикасни и независни.
Токму затоа, за македонските услови, третиот хибриден модел „мелонизација кон надвор, а орбанизација кон внатре“ би бил најнепожелната варијанта, бидејќи би ја задржал надворешната прагматичност, а внатрешно би ги продолжил старите слабости на партизацијата и институционалната зависност.
Оттука, вистинската цел мора да биде департизација, професионализација, јакнење на автономијата и ефикасноста на институциите, но и воспоставување сериозна кривична и материјална одговорност за злоупотребите. Демократската зрелост започнува со сознанието дека државата, институциите и општеството се секогаш поголеми и потрајни од партијата што моментално владее.