ЈАПОНИЈА ЛУТА ПОРАДИ НОВАТА КАРТА НА СВЕТОТ, БАРА КОРЕКЦИЈА Курилските Острови се прикажани како руски, а Токио ги смета за свои
Портпаролот на јапонската влада Минору Кихара изјави дека новата карта, позната како проекција „Една Земја“, содржи прикажување кое е во спротивност со ставот на јапонската влада.
Јапонија побара да се промени новата карта на светот што деновиве беше усвоена од Обединетите нации, бидејќи на неа спорните Курилски Острови изгледаат како руска територија, а Токио ги смета за свои Северни територии.
Новата карта ги прикажува континентите во пореалистичен размер. Континентите Европа и Северна Америка, како и островот Гренланд се помали, а Африка е поголема.
Генералното собрание на ОН гласаше за усвојување на новата повелба минатиот петок, а Јапонија беше меѓу 164 земји-членки кои ја поддржаа резолуцијата. И покрај ова, Токио сега се спротивставува, бидејќи Курилските Острови се обоени во иста боја како Русија.
Портпаролот на јапонската влада Минору Кихара изјави дека новата карта, позната како проекција „Една Земја“, содржи прикажување кое е во спротивност со ставот на јапонската влада.
– Испративме протест до операторот на веб-страницата на картата преку дипломатски канали и побаравме корекција на овој приказ – рече Кихара.
Тој одби да каже кога владата го забележала проблемот, но нагласи дека Јапонија „мора да спречи ширење на заблуди за нашите територии и географски имиња“.
ОН соопшти дека целта на новата мапа е да обезбеди „попрецизен приказ“ на копнените маси во споредба со традиционалните Меркаторови проекции, односно до скоро официјалната мапа на светот.
Курилските острови се вулкански архипелаг во Источна Азија кој се протега во должина од околу 1.300 километри помеѓу полуостровот Камчатка (Русија) и островот Хокаидо (Јапонија), разделувајќи го Охотското Море од Тихиот Океан.
Територијалниот спор околу островите датира од крајот на Втората светска војна. Поранешниот Советски Сојуз ги окупираше островите во 1945 година и го протера јапонското население од нив.
Односите меѓу Јапонија и Русија значително се влошија минатиот месец, откако рускиот претседател Владимир Путин ја оствари својата прва ненајавена посета на спорниот архипелаг.
Веднаш по посетата, Јапонија го викна рускиот амбасадор на разговор. Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека посетата на Путин „ги повредува чувствата на јапонскиот народ“ и ја нарече „целосно неприфатлива“.
Таа рече дека островите се „неотуѓив дел од јапонската територија, и историски и според меѓународното право“.
Москва брзо одговори и рече дека „категорично“ ги отфрла ваквите изјави, кои ги смета за „политички несоодветни, навредливи и, се разбира, правно неосновани“.