НОВО ЛИСИЧЕ ЌЕ ДОБИЕ ПАРК ОД 71.000 КВАДРАТНИ МЕТРИ Се уредува просторот околу ФФМ

На просторот, кој со години беше оптоварен со дива депонија, ќе биде создаден современ парк со богато зеленило и содржини за сите генерации.

97

Во Ново Лисиче започна изградбата на нов парк на површина од 71.000 квадратни метри, со што запуштениот простор во непосредна близина на Фудбалската федерација на Македонија и последната автобуска станица на линијата „5“ ќе биде претворен во голема зелена површина наменета за одмор, рекреација и дружење на граѓаните.






Почетокот на изградбата денеска го означија градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески.

На просторот, кој со години беше оптоварен со дива депонија, ќе биде создаден современ парк со богато зеленило и содржини за сите генерации. Предвидено е да бидат засадени околу 1.000 дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени.

Паркот ќе располага со пристапни пешачки патеки, детски катчиња за игра и забава, како и простори за одмор и дружење, со што ќе создаде ново место за секојдневно поминување на слободното време на жителите на Ново Лисиче и граѓаните на Скопје.

– Секое ново дрво е влог во почист воздух, повеќе сенка и поздрава средина за нашите деца. Сакаме овој парк да живее со смеата на најмладите, со прошетките на семејствата и со средбите на нашите повозрасни сограѓани. Место во кое секоја генерација ќе пронајде свое катче – истакна градоначаникот Ѓорѓиевски при означувањето на почетокот на изградбата.

Со реализацијата на овој проект, заедно со парковите кои веќе се изградени и оние на кои се работи, вкупната површина на парковско зеленило што се создава во Скопје достигнува околу 200.000 квадратни метри.

– Грижата за градот започнува со грижата за луѓето. Секое семејство треба да има простор за прошетка, секое дете место за игра и создавање убави спомени, а секоја населба зеленило какво што заслужува. Продолжуваме да го градиме Скопје рамномерно, во секоја општина, со еднаква посветеност кон секој граѓанин. Новиот парк во Ново Лисиче претставува уште еден чекор кон создавање почист, позелен и поквалитетен градски простор, со повеќе места за престој на отворено и подобри услови за живот на сите генерации – порача градоначалникот Митески.

Поврзани содржини