ЌЕ СЕ ПРОШИРУВА „ЛАЈКА“, ГРАДОТ БАРА НОВА ЛОКАЦИЈА Првичниот објект бил изграден на диво

Постојниот објект на ЈП „Лајка“ не може да се доградува поради урбанистички ограничувања, откри градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

1

Град Скопје планира до крајот на 2026 година да започне со проширување на капацитетите за третман на бездомни кучиња, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека се обезбедени финансиски средства, но поради урбанистички ограничувања на постојниот објект на ЈП „Лајка“, се разгледува можноста за изградба на дополнителни капацитети на нова локација.






– Постоечката локација е на диво изградена во минатото и деталниот и генералниот урбанистички план не дозволуваат да го прошириме капацитетот таму. Бараме друга опција и верувам дека до крајот на оваа календарска година ќе започнеме со процес на доизградба на капацитети, можеби на друга локација што моментално ја утврдуваме – истакна Ѓорѓиевски.

Градските служби веќе разгледуваат алтернативна локација на која би можеле да се изградат дополнителни капацитети за згрижување и за третман на бездомните кучиња.

Ѓорѓиевски оцени дека е постигнат напредок во справувањето со проблемот со кучињата скитници, но призна дека тој сè уште не е целосно решен.

Градоначалникот најави дека во наредните денови ќе бидат објавени и споредбени податоци за нападите од бездомни кучиња врз граѓаните.

Податоците треба да покажат колку вакви случаи биле регистрирани пред преземањето на раководството на Град Скопје и на ЈП „Лајка“, а колку потоа.

Според Ѓорѓиевски, целта на проширувањето е да се обезбедат подобри услови за згрижување на животните и поефикасно справување со проблемот во главниот град.

Поврзани содржини