Клучните одлуки за самостојност се усогласуваа мачно, но постигнавме единство кога беше најпотребно
Моето сведоштво е сведоштво на непосреден учесник – човек кој ја иницираше идејата Македонија да се осамостои по пат на референдум, човек кој беше „автор“ на референдумското прашање и кој учествуваше во активностите поврзани со подготовката и спроведувањето на референдумот.
Накратко
• Декларацијата за самостојност и одлуката за референдумот се донесоа со консензус
• Зад сцената се случуваше политичка драма
• Опстоивме на ставот да се осамостоиме по мирен и демократски пат
На 8 септември 1991 година, на Референдумот за независност на Република Македонија, според извештајот на Републичката изборна комисија, од 1.495.807 гласачи излегоа на гласање 1.132.981 граѓанин со право на глас, или 71,85%. Од нив позитивно се изјаснија 1.079.308 граѓани, или 95,26%, односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас.
Патот до одлуката за осамостојувањето на референдум не беше ниту едноставен, ниту лесен. Таа одлука се донесе на 4. продолжение на 20. седница на Собранието од 6 август 1991 година. Тогаш се одлучуваше за предлогот на СДСМ и на Либералната партија за осамостојување по пат на референдум, но и за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ прво да се усвои Декларацијата за самостојност и независност на Република Македонија, а потоа да се организира референдумот.
На седницата учествуваа пратениците од сите пратенички групи, меѓу кои и 5 пратеници на албанската партија ПДП. После пет заседанија, кои почнаа на 26 јули 1991 година, се постигна консензус и одлуката за референдумот се донесе со акламација. Тогаш, сите парламентарни партии по втор пат се обединија како што тоа се направи и на 25 јануари 1991 година, кога се усвои Декларацијата за самостојност и независност на Република Македонија, за која гласаа „за“ пратениците на сите парламентарни партии.
Најдобрите решенија се носат со политички консензус
Тоа докажа дека за најкрупните прашања за државата треба да се одлучува со консензус. И денес за Република Македонија нема подбро решение од она што се усвоило со консезус, што, за жал, денес не е случај во нашата држава.
Овој 35-годишен јубилеј не е само повод за прослава. Тој е и обврска – кон државата, но и кон вистината за времето во кое таа беше создадена. Денес, со историска дистанца од 35 години, чувствувам посебна должност да пренесам дел од она што се случуваше во пресрет на независноста. Не само она што е запишано во официјалните документи, туку и она што се случуваше зад сцената.
Тоа го правам и од лична причина. Моето сведоштво е сведоштво на непосреден учесник – човек кој ја иницираше идејата Македонија да се осамостои по пат на референдум, човек кој беше „автор“ на референдумското прашање и кој учествуваше во активностите поврзани со подготовката и спроведувањето на референдумот.
Јас за тоа веќе зборував во разговорот за Канал 77, на 7 септември 2023 година, на покана на уредникот Столе Наумов. Но, сметам дека денес, по три и пол децении, е важно тоа сведоштво да биде дел од поширок историски приказ за сложените години во кои се распаѓаше Југославија и се раѓаше независна Македонија.
Бура во македонскиот парламент по осамостојувањето на Словенија и на Хрватска
Како што е познато, на 25 јуни 1991 година се осамостоија Република Словенија и Република Хрватска, врз основа на резултатите од плебисцитот кој во Словенија се одржа на на 23 декември 1990 година, а во Хрватска врз база на референдумот кој се одржа на 19 мај 1991 година.
Веднаш по прогласувањето на независноста на Словенија и на Хрватска, на 25 јуни 1991 година, веќе на 26 јуни 1991 година, Собранието на Република Македонија го започна првото продолжение на 18. седница на Собранието. На таа седница, во расправата и донесувањето заклучоци за 32 точки од дневниот ред, за актуелната безбедносна состојба во земјата зборуваше премиерот Никола Кљусев.
Веднаш после него, за збор се јави координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Ратка Димитрова. Таа изјави дека „ден по прогласувањето на словенечката и на хрватската независност, колку и да е кревка таа, тоа е факт“, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ подготвила и му предлага на Собранието Нацрт-резолуција, со цел тој нацрт, заедно со другите иницијативи на пратениците и на државните органи, да послужи како подлога за донесување на неопходните уставни закони, во согласност со членот 7 од Декларацијата за сувереноста на Република Македонија, неопходни имено за нејзината независност:
1. Уважувајќи ја фактичката состојба настаната по стапувањето на сила на одлуката за раздружување на суверените држави Република Словенија и Република Хрватска од СФРЈ, а врз основа на Декларацијата за сувереност на Република Македонија и определбата за самостојност во случај на настанување на такви околности, Собранието на Република Македонија ја прогласува самостојноста и сувереноста на Република Македонија.
2. Суверено одлучувајќи за свое здружување со други држави, Република Македонија ќе ги преземе потребните дејства за можно пристапување кон Сојузот на суверени држави инициран од државите Република Словенија и Република Хрватска.
3. Република Македонија ќе учествува во потребниот обем во функционирањето на институциите на досегашната сојуз на држави во периодот до нејзиното згаснување, преземајќи ги, притоа, соодветните обврски и права во својство на еден од шесте нејзини меѓународно- правни наследници.
4. Собранието на Република Македонија ги обврзува сите органи на власта во доменот на своите надлежности да ги преземат потребните дејствија во согласност со оваа Резолуција.
5. Резолуцијата влегува во сила со денот на нејзиното донесување.
Во расправата сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ја подржуваа и се залагаа да се прифати, а останатите пратеници укажуваа на опасностите од нејзиното избрзано и итно усвојување. Седницата заврши пред полноќ.
Таа продолжи на 27 јуни, кога веќе беше започната војната во Словенија. Потоа, по жестоката и јалова расправа, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Бранко Црвенковски, предложи на актот да работат и двете пратенички групи. Предлогот беше прифатен, се собраа трите предлога: првиот на ВМРО-ДПМНЕ, вториот на СДСМ, а третиот на собраниската служба, па се работеше на изработката на заедничкиот документ кој требаше да се поддржи од пратениците на Собранието.
Откако беше подготвен заедничкиот документ, Собранието продолжи со работа. Јас од говорницата го прочитав усогласениот текст на документот:
Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 26 и 27 јуни 1991 година, расправаше за актуелната политичко-безбедносна состојба во земјата и Републиката и ги подготви следните заклучоци:
1. Собранието констатира дека политичко-безбедносната состојба во земјата и Републиката по настаните во Република Хрватска и Република Словенија, е крајно заострена и се заканува со опасност од натамошно ескалирање на меѓунационалните и меѓурепубличките судири кои земјата ја доведуваат до работ на граѓанска војна, поради што останува на својот став, разрешувањето на југословенската криза да се оствари на мирен и демократски начин. Затоа Собранието е против еднострани акти донесени надвор од договорот со другите републики во Југославија.
2. Собранието и натаму инсистира, без одлагање, да продолжат разговорите со сите други републики врз Платформата на претседателите Глигоров и Изетбеговиќ, за конституирање на идната југословенска заедница како Сојуз на суверени држави, што е од непосреден и исклучителен интерес на Републиката и на другите републики во Југославија. За таа цел Собранието смета дека е неопходно, итно, да се конституира Претседателството на СФРЈ согласно уставните одредби и редоследот за избор на претседател и потпретседател утврден со Деловникот на Претседателството на СФРЈ.
3. Доколку по мирен и демократски пат не дојде до договор за конституирање на идната југословенска заедница како Сојуз на суверени држави, за што оценка ќе донесе Собранието на Република Македонија, се задолжува Владата на Собранието да му достави Уставен закон и сите други акти со кои ќе ги утврди сите прашања од уставно-правен карактер со кои Република Македонија, како самостојна и независна држава ќе го преземе извршувањето на своите суверени права.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бојкотираа, но брзо се вратија во разговорите, предводени од Доста Димовска
Тогаш, на говорницата излегоа, еден по еден, пратниците на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Стојановски и Томислав Стевковски. Тие најбезобразно изјавија дека тоа не е текстот што беше усогласен со нив, туку дека е изменет и манипулиран. Се покажа дека лидерот на нивната партија, два часа пред тоа, дал инструкција пртениците еден по еден да си заминат од Собранието.
Така, кога претседателот на Собранието, Стојан Андов, ги преброи пратениците за да ги повика да гласаме, се констатира дека немаме кворум за носење одлуки. Во салата веќе немаше ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, и беа останати само 51 пратеник, што значеше дека немаше кворум од над 61 пратеник. Затоа Андов предложи да се прекине седницата и потоа да се договори нова седница.
За среќа, или несреќа, по разгорувањето на војната во Словенија, состојбите во цела Југославија, и во Македонија се влошија. Уште во првите денови на јули, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ почна да бара да се одржат нови средби со претставници на СДСМ и на Либералната партија, за да се преработи Одлуката и да стане прифатлива за сите.
Разговорите во името на ВМРО-ДПМНЕ ги водеше Доста Димовска. И така, после две-три такви средби, текстот се усогласи.
Потоа, на 6 јули 1991 година, се закажа последното заседание на 18. седница, на кое усогласениот текст го презентираше Доста Димовска. На седницата се поднесе само еден нов амандман. Потоа, текстот на Одлуката беше изгласан од сите присутни пратеници.
Тоа беше најкратката седница на Собранието затоа што траеше само 5 минути.
(Во утрешното продолжение: Мораториумот на непријателствата договорен во Бриони немаше шанса, дојде време да се подготвуваме за референдум)