15 ЖИВОТИ ЗГАСНАА ВО ЕДНО УТРО ВО ОХРИД Седумнаесет години од трагедијата со „Илинден“

На 5 септември 2009 година бродот „Илинден“ потона кај „Елешец“ додека пловел кон Свети Наум, при што животот го загубија 15 бугарски туристи.

57

Седумнаесет години по трагичното потонување на бродот „Илинден“, Охрид денеска им оддаде почит на 15-те бугарски туристи кои загинаа во несреќата на Охридското Езеро.

Цвеќе беше положено пред спомен-обележјето „Солза на Роза“, а во комеморацијата учествуваа делегација на Општина Охрид, претставници на Амбасадата на Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Бугарија во Битола, локални институции, здруженија и граѓани.






Генералниот конзул на Бугарија во Битола, Петар Петров, упати благодарност до сите кои учествувале во спасувањето на преживеаните и помошта по несреќата. Меѓу нив ги спомена морнарите Васко Маркоски и Драган Наумовски од екипажот на бродот „Александрија“, Зоран Гилевски, капетанот на „Илинден“ Петар Василев, капетанот на бродот „Кристина“ Васко Јанев, командирот на армиската единица Раде Буџаковски, дежурниот офицер Влатко Димановски и војниците под нивна команда, како и охриѓани кои се вклучиле во спасувачката акција.

Од 15-те жртви, осум биле жители на општина Антон, четворица од Пирдоп, а по еден од Златица, Мирково и Рибарица.

Трагедијата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот. Бродот „Илинден“, кој превезувал 57 патници од Охрид кон Свети Наум, потонал на околу 250 метри од брегот кај автокампот „Елешец“.

Во текот на спасувачката акција голем број луѓе од Охрид се вклучиле во извлекувањето на патниците. Несреќата остави трајна трага во Охрид и во односите меѓу македонските и бугарските институции и граѓани.

Подоцна следуваше и судска постапка за утврдување на одговорноста за несреќата. Во јули 2011 година Основниот суд во Охрид ги прогласи за виновни капетанот Сотир Филевски и овластениот претставник на германски „Лојд“, Бранко Баиќ, и им изрече казни од по една година затвор. Според образложението на пресудата, со несовесно постапување придонеле за несреќата.

Две недели по трагедијата, на 19 септември 2009 година, бродот „Илинден“ бил извлечен од Охридското Езеро и одвлечен до каналот Студенчишта, каде што останал како потсетник на трагичниот настан.

Спомен-обележјето „Солза на Роза“, во непосредна близина на Студенчишкиот канал, е поставено во знак на сеќавање на загинатите. Споменикот има форма на капка која се дели на два дела – едниот ја симболизира солзата, а другиот новиот почеток. Во капката се испреплетени 15 рози, симбол за 15-те човечки животи изгубени во несреќата.

И по 17 години, трагедијата со „Илинден“ останува едно од најболните сеќавања поврзани со Охридското Езеро, а секој 5 септември на споменикот „Солза на Роза“ повторно се положува цвеќе во спомен на жртвите.

Поврзани содржини