ДВАЈЦА ЧЕСИ ВЛЕГЛЕ ВО КАСАРНАТА „ИЛИНДЕН“, ПОЛИЦИЈАТА ГИ ПРИВЕДЕ Правеле скици на воени објекти и борбени средства
Двајца државјани на Чешка биле лишени од слобода во касарната „Илинден“ во Скопје. МВР ги сомничи за неовластено влегување и правење скици на воени објекти и борбени средства.
Двајца државјани на Чешка, кои престојувале во Скопје, биле лишени од слобода откако неовластено влегле во касарната „Илинден“ и, според сомнението на полицијата, правеле скици на воени објекти и борбени средства.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека случајот се случил на 4 септември околу 16:30 часот, кога полициски службеници од СВР Скопје во касарната „Илинден“ ги лишиле од слобода М.С. (26) и А.Х. (25), двајцата државјани на Чешка.
Според МВР, за нив постојат основи на сомнение дека го сториле кривичното дело по член 350 од Кривичниот законик, кое се однесува на неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства.
Од полицијата засега не соопштуваат дали двајцата имале дозвола за пристап до касарната, како успеале да влезат во објектот, ниту пак какви точно скици или снимки биле пронајдени кај нив.
Исто така, засега нема информации за причините поради кои се движеле во воениот објект или за нивните евентуални намери.
МВР соопшти дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот.