АРГЕНТИНА И ЧИЛЕ ЗАЕДНО ЌЕ ИСКОПУВААТ БАКАР НА АНДИТЕ Македонија не фаќа чекор со трендот и покрај ресурсите во Иловица
Во Македонија засега не се искористуваат рудните ресурси, иако земјата изобилува со бакар, а истражено и потврдено е наоѓалиштето во Иловица. Низа домашни експерти оценија дека со статус-кво состојбата во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, односно се губат потенцијални инвестиции, нови работни места и можност за позиционирање како регионален снабдувач на критични минерали.
Аргентина и Чиле се стремат да отворат пат за милијарди долари инвестиции во рударството, преку унапредување на законските рамки што ќе им дозволат на компаниите да ја делат инфраструктурата и ресурсите на Андите. Договорот за интеграција и дополнување на рударството од 1997 година сега е обновен по децении на ограничен напредок, сѐ со цел да се овозможат т.н. бинационални проекти за бакар.
Во Македонија засега не се искористуваат рудните ресурси, иако земјата изобилува со бакар, а истражено и потврдено е наоѓалиштето во Иловица. Низа домашни експерти оценија дека со статус-кво состојбата во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, односно се губат потенцијални инвестиции, нови работни места и можност за позиционирање како регионален снабдувач на критични минерали. Во исто време, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува економската и стратешката тежина на Македонија. Инвеститорот во Иловица уште одамна објави дека, според геолошките истражувања, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои проценети се околу 410.000 тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 84 отсто за бакарот. Рудникот се предвидува да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно, а просечното годишно производство е проектирано на над 10.000 тони бакар.
Додека Македонија тапка во место, голем број држави засилено спроведуваат геолошки истражувања за присуство на критични минерали, особено бакарот чија цена расте на светските берзи на метали. Дури и наоѓалиштата што во минатото биле закочени повторно се активираат, каков што е примерот од најновата соработка меѓу Аргентина и Чиле.
Двете земји одобрија оперативни протоколи за рударските проекти „Викуња“, „НексоАндино“ и „Фило Сур“, чии минерални наоѓалишта се протегаат на границата помеѓу аргентинската покраина Сан Хуан и чилеанскиот регион Атакама, се вели во соопштението на чилеанската влада, без да се откријат дополнителни детали.
Министерот за рударство на Чиле, Даниел Мас претходно изјави дека рамката би можела да помогне во отклучување на повеќе од 20,7 милијарди долари инвестиции за нови 540.000 тони во годишното производство на бакар. Според пишувањата, за инвеститорите клучна атракција е транспортот, односно потенцијалот што го имаат аргентинските проекти во близина на границата на Андите, за пристап до чилеанските пристаништа. На тој начин, ќе се искористи инфраструктурата поврзана со најголемата индустрија за производство на бакар во светот, намалувајќи ги трошоците и помагајќи во пуштањето во употреба на нови рудници.
– Развојот на бинационални проекти создава огромни можности за чилеанските добавувачи, за користење на чилеанската инфраструктура, за обезбедување услуги за аргентинската индустрија и за развивање партнерства – истакна Хоакин Виларино, раководител на Советот за рударство на Чиле.
Аргентина не произведува бакар од затворањето на рудникот Алумбрера во 2018 година. Но, овие проекти во развој би можеле да ја сместат меѓу 10-те најголеми производители на бакар во светот до 2030 година, велат аналитичарите. Заедно со Чиле, Аргентина би можела да биде клучен центар за снабдување со метал кој е критичен за енергетската транзиција.