НОВ ПАД НА БРОЈОТ НА РУДАРИ И НА РУДАРСТВОТО Гранката назадува, а излезот се гледа во нови инвестиции
Рударството како индустриска гранка е меѓу ретките кои постојано регистрираат негативна тенденција, која пак се одразува во вкупното индустриско производство во Македонија.
Повиците за развој на одговорно и одржливо рударство засега не вродуваат со плод. Најновите месечни пресеци на Државниот завод за статистика покажуваат дека рударството продолжува да тоне, а паѓа и бројот на рударите во земјава. Дополнително, оваа индустриска гранка е меѓу ретките кои постојано регистрираат негативна тенденција, која пак се одразува во вкупното индустриско производство во Македонија.
Па така, индустриското производство во јули 2026 година е зголемено за 1,3% во однос на јули 2025 година, но растот би бил поголем ако рударството во континуитет не доживува драматичен пад.
„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, бележи опаѓање од 5,9%“, соопшти Државниот завод за статистика.
Освен производството, се намалува и бројот на рудари.
„Бројот на работниците во јули 2026 година, во однос на јули 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,8%“, покажуваат последните податоци на институциите.
Дел од експертите излезот го гледаат во развој на одговорно и одржливо рударство, преку привлекување инвестиции кои ќе ги запазуваат еколошките стандарди. Инвестицијата која во земјава е активна, а за која беше најавено дека ќе ги употребува најсовремените технологии, е проектот за рудник за бакар во Иловица. На ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16.000 тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз, а самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над 2.000 индиректни вработувања. Од друга страна, голем број на инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.
На неодамнешното одбележување на Денот на рударите, претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Диме Петрески порача да се создаде стабилен и предвидлив амбиент во кој рударскиот сектор ќе може да се развива, да привлекува инвестиции, да отвора нови работни места и да придонесува уште повеќе кон економскиот развој на Македонија.
– Рударството отсекогаш имало значајно место во економскиот и во индустрискиот развој на Македонија. Денес, во услови на големи економски, енергетски и технолошки промени, неговата улога станува уште позначајна. Без суровините што ги обезбедува рударството, тешко можат да се замислат современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот развој. Но, современото рударство мора да биде и одговорно рударство – рударство кое ги почитува највисоките стандарди за безбедност и заштита на животната средина, ги применува современите технологии и создава долгорочна корист за државата, локалните заедници и граѓаните – истакна Петрески.
Универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов потенцираше дека рударството има длабоки корени во историјата и развојот на Македонија, но дека рударството не е само дел од нашето минато, туку е и важен дел од нашата сегашност.
– Денес, кога светот забрзано се менува, улогата на минералните суровини станува сè позначајна. Енергетската и дигиталната транзиција, развојот на новите технологии, индустријата и современата економија се незамисливи без минералните суровини. Но, истовремено, денес не можеме да зборуваме за иднината на рударството без да зборуваме и за заштитата на животната средина. Современото рударство мора да биде безбедно, технолошки напредно и економски одржливо, но и одговорно кон природата, водите, почвата, биодиверзитетот и локалните заедници – нагласи Димов.
Според професорот, рударството не е професија на минатото, туку професија на иднината.
– Но, тоа ќе биде рударство со ново лице – побезбедно, поефикасно, дигитализирано и пред сè, поодговорно кон животната средина. Нашата порака до рударската индустрија е дека универзитетот и индустријата мора да бидат вистински партнери. Само преку заедничка работа, научноистражувачка дејност и примена на нови технологии можеме да создадеме рударство кое ќе биде конкурентно, безбедно и одржливо – заклучи Димов.
Македонското рударство годишно контрибуира со околу 250 милиони евра приходи.