DRANG NACH BERLIN Ништо не може да го запре победничкиот марш на АФД во Германија

„Ова е историски резултат“, порача копретседателката на АФД Алис Вајдел, оценувајќи дека партијата добила јасен мандат да владее.

38

Накратко

• АФД освои околу 44,5% во Саксонија-Анхалт, двојно повеќе од 2021 година
• Во Мекленбург-Западна Померанија АФД води со 36%, пред СПД со 29%
• На федерално ниво АФД е прва со 27-29%, додека ЦДУ/ЦСУ падна на околу 20-22%







По Саксонија-Анхалт веќе е тешко подемот на Алтернатива за Германија (АФД) да се објаснува како источногерманска аномалија или како минлив протест на незадоволни гласачи. Излезните анкети на изборите во неделата ѝ даваат на АФД околу 44,5%, наспроти само 18,5% за ЦДУ, што значи дека партијата на Улрих Зигмунд повеќе од двојно го подобри резултатот од 2021 година, кога имаше 20,8%. АФД можеби ќе остане за малку под апсолутното парламентарно мнозинство, но политичката порака е недвосмислена – во една германска покраина речиси секој втор гласач избрал АФД.

„Ова е историски резултат“, порача копретседателката на АФД Алис Вајдел, оценувајќи дека партијата добила јасен мандат да владее. Резултатот е уште повпечатлив ако се погледне што се случи со досегашната доминантна сила: ЦДУ падна од 37,1% во 2021 година на околу 18,5%. Зигмунд и неговата партија, значи, не победија со 2 или 3 процентни поени, туку со предност од околу 26 поени пред конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц.

Следен „бункер“ за уривање е покраина во која социјалдемократите се на власт 28 години

Следната станица на овој политички марш е Мекленбург – Западна Померанија, каде што изборите се закажани за 20 септември. Последното истражување на Infratest dimap ја става АФД убедливо на првото место со 36%, пред СПД со 29%, Левица со 12%, ЦДУ со само 9% и Зелените со 5%. Анкетата на INSA претходно покажа речиси идентична слика – АФД 35%, СПД 28%, ЦДУ 10%. Значи, не станува збор за еден изолиран резултат на еден институт, туку за прилично стабилна предност од 7 процентни поени.

Тоа би било нов тежок удар за германскиот политички естаблишмент. Мекленбург – Западна Померанија речиси 28 години е управувана од СПД, а премиерката Мануела Швезиг останува лично значително попопуларна од својата партија. Во јулското истражување на Infratest dimap, 49% од испитаниците би ја избрале Швезиг кога премиерот би се избирал директно.

„Тоа очигледно се 49 проценти кои сакаат да продолжам со мојата работа“, рече таа во интервју за NDR. Проблемот за СПД е што на 20 септември гласачите нема да избираат директно премиер, туку парламент, а таму АФД засега има голема предност.

Нема анкета во која АФД не води, а рејтингот на Мерц драстично опаѓа

Ситуацијата на национално ниво е драматична. Практично сите релевантни германски институти во последните мерења ја ставаат АФД пред ЦДУ/ЦСУ. INSA на 5 септември измери: АФД 28%, ЦДУ/ЦСУ 20%, СПД 13%, Зелени 13% и Левица 10%. Forsa дава 28:21 за АФД против Унијата, Verian 28:20, Allensbach 27,5:22,5, а Infratest dimap 27:21. Тоа веќе не е случаен статистички скок. АФД има предност во повеќе анкети направени со различни методологии.

Уште позначаен е трендот. На федералните избори во февруари 2025 година ЦДУ/ЦСУ освои 28,5%, а АФД 20,8%. Денес односот е практично превртен. Според последната INSA анкета, АФД е на 28%, а Унијата на 20%. Кај Verian, ЦДУ/ЦСУ од 26% во јануари годинава падна на 20% кон крајот на август, додека АФД во истиот период се искачи од 25% на 28%. Тоа е причината поради која германската политика сè помалку разговара дали АФД може да стане најсилната партија, а сè повеќе што ќе се случи ако остане најсилна.

Слабоста на Фридрих Мерц дополнително го отвора просторот за подем на АФД. Канцеларот влезе во 2026 година со амбиција да ја стабилизира германската економија и да ја врати Унијата на позицијата на природна владејачка партија, но неговиот рејтинг драматично се намали. Во јулско истражување на RTL/ntv, само 15% од испитаниците биле задоволни од неговата работа, а задоволството било слабо дури и меѓу сопствените гласачи. Пред изборите во Саксонија-Анхалт, Мерц беше толку непопуларен што локалната ЦДУ настојуваше кампањата да ја води првенствено со свои лица.

АФД се прогласи за „нова народна партија“

АФД, пак, веќе отворено размислува за следната фаза – од протестна и опозициска сила да стане „нова народна партија“, како што ја формулира амбицијата Алис Вајдел. Во Мекленбург-Западна Померанија пораката е уште поексплицитна. „Сакаме да преземеме одговорност“, пишува во изборната програма на АФД за покраината. „На Мекленбург-Западна Померанија ѝ е потребна нова влада, потребен ни е нов почеток.“ По резултатот во Саксонија-Анхалт, таквата амбиција повеќе не изгледа теоретска.

Сепак, постои голема разлика меѓу победа на избори и преземање на власта. „Brandmauer“, политичкиот огнен ѕид со кој ЦДУ, СПД, Зелените и другите партии одбиваат коалиција со АФД, сè уште функционира. Затоа АФД може да освои 35 или 40 проценти и повторно да заврши во опозиција ако останатите партии успеат да состават мнозинство. Сепак, резултатот во Саксонија-Анхалт го открива математичкиот проблем на таа стратегија: колку АФД расте, толку се потребни пошироки и политички понеприродни коалиции за да биде оставена надвор од власта.

Патот на Вајдел до канцеларската фотелја нема да биде лесен

Берлин е многу потешка мета за АФД. Просекот од трите најнови анкети ја става ЦДУ на околу 20%, Левица на 19,3%, АФД на 18%, Зелените на 16% и СПД на 13%. Најновата INSA анкета од 4 септември дава ЦДУ 20%, Левица 19% и АФД 18%. Но и овие бројки покажуваат колку е променета политичката карта: партија која со години беше маргинална во германската престолнина сега е рамноправен учесник во трката за првото место.

Затоа, вистинското значење на септемвриските избори не е само кој ќе биде премиер во Магдебург или во Шверин. Саксонија-Анхалт покажа дека во делови од источна Германија АФД веќе може да се приближи до 45%, Мекленбург-Западна Померанија може да донесе втора последователна покраинска победа, а Берлин ќе покаже колку длабоко партијата може да навлезе во големите урбани средини.

Патот на Вајдел до канцеларската фотелја е многу подолг од патот до победа во анкетите. Следните редовни федерални избори се очекуваат дури во 2029 година, а АФД за владеење ќе мора или да најде партнер, или да стане толку силна што сегашната политика на целосна изолација ќе стане парламентарно неодржлива.

Сепак, ако денешните бројки се земат како почетна позиција, насоката е јасна: од 20,8% на федералните избори во 2025 година АФД стигна до 27-29% во анкетите, во Саксонија-Анхалт до околу 44,5%, а во Мекленбург-Западна Померанија води со 36%. Прашањето повеќе не е дали АФД може да победи. Нема сила што може да го спречи победничкиот марш на десницата. Останува дилемата на кој начин победата ќе се ефектуира во преземање на извршната власт на федерално ниво.

Поврзани содржини