НЕ СМЕЕМЕ НЕМО ДА ГЛЕДАМЕ КАКО НИ СЕ ГАСИ РУДАРСКАТА ИНДУСТРИЈА Иницијативата „И здравје и работа“ порачува дека е потребен нов развоен циклус

0

Пад од 5,9 отсто во производството и 7,8 отсто помалку работници се сериозен сигнал дека на македонското рударство му се потребни нови инвестиции, модернизација и јасна развојна политика.

На македонското рударство не му треба само статистика – му треба нов развоен циклус.






Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во јули 2026 година производството во секторот „Рударство и вадење камен“ е намалено за 5,9 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Уште позагрижувачки е што бројот на работниците во секторот е намален за 7,8 отсто.

Од иницијативата „И здравје и работа“ велат дека овие податоци не треба само да се констатираат, туку треба да бидат сериозен повик за отворање на прашањето како Македонија ќе го врати рударството на патеката на растот и развојот.

– Не треба немо да гледаме како се намалува производството, како исчезнуваат работните места и како една индустрија со децении останува без нови големи инвестиции. Рударството може и мора повторно да биде силен мотор на македонската економија, но за тоа се потребни инвестиции, нови технологии, современи стандарди и предвидливи услови за развој – порачуваат од „И здравје и работа“.

Според нив, проектот за рудник за бакар Иловица–Штука е конкретен пример за инвестиција која може да го промени размерот на македонското рударство, особено ако се реализира со современи технологии, високи еколошки стандарди и силен институционален надзор.

Проектот се поврзува со инвестиција од околу 350 милиони евра, производство на бакар и отворање на стотици директни и илјадници индиректни работни места. Но, истиот можност за значително зголемување на извозниот потенцијал на земјата.

– Ова не е прашање само на еден проект. Прашањето е дали Македонија сака повторно да има растечка рударска индустрија. Ако одговорот е да, тогаш мора да создадеме услови за инвестиции во нови рудници, истражување, модернизација и технологии – порачуваат од „И здравје и работа“.

Од иницијативата додаваат дека новото рударство не може да биде рударството од минатото. Тоа треба да биде побезбедно, дигитализирано, технолошки напредно и одговорно кон животната средина, со јасни правила за заштита на водата, почвата, биодиверзитетот и локалните заедници.

– Не треба да бираме меѓу економскиот развој и животната средина. Треба да бараме инвестиции што ќе ги исполнат највисоките стандарди и ќе покажат дека и здравје и работа можат да одат заедно – велат од И здравје и работа.

Од „И здравје и работа“ апелираат падот на производството и вработеноста во рударството да не биде само уште една статистика во месечните извештаи.

– Ова треба да биде сигнал за акција. Ако сакаме рударството повторно да биде силен мотор на економскиот раст и развој, денес е време да создадеме услови за инвестиции, а не утре да се прашуваме зошто индустријата продолжила да се намалува – велат од Иницијативата.

 

Поврзани содржини