ПОЧИНА ПРОФЕСОРОТ И ЕКС-АМБАСАДОР ЈОВАН ДОНЕВ Македонија загуби истакнат научник, дипломат и аналитичар
Јован Донев беше научен советник и професор, директор на „Евро-Балкан“, амбасадор во Обединетото Кралство, Ирска и Исланд и член на Советот за безбедност.
На 71-годишна возраст во Скопје почина човекот кој со децении ги истражуваше македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси на Балканот
Во Скопје денеска на 71-годишна возраст почина универзитетскиот професор и амбасадор Јован Донев.
Донев зад себе остави долгогодишна академска, научна и дипломатска кариера, во која значаен дел од неговиот професионален ангажман беше посветен на македонската историја, меѓународните односи и политичките и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.
Тој дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Во 1986 година магистрирал, а во 1993 година докторирал, при што значаен дел од неговиот научен интерес бил насочен кон меѓународните политички аспекти на македонското прашање.
Научната кариера ја започнал и ја градел во Институтот за национална историја во Скопје, каде што достигнал звање научен советник и редовен професор.
Покрај научноистражувачката работа, Донев предавал и на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Во периодот од 1999 до 2012 година бил извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“.
Претходно бил и директор на Охридскиот летен универзитет, а во текот на 1990-тите години бил претседател и на Управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија, под покровителство на филантропот Џорџ Сорос.
Особено значаен дел од неговата професионална биографија е дипломатската кариера.
Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017 година.
Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд.
Во 2017 година бил и член на Советот за безбедност на Република Македонија.
Јован Донев беше автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика.
Во неговиот научен опус се издвојуваат трудови посветени на Македонија во меѓународните договори, односите на големите сили кон Балканот и македонското прашање во периодот на Балканските војни.
Во последните години беше активен и како колумнист и политички аналитичар, каде што ги коментираше домашните и меѓународните политички случувања, со особен фокус на Македонија и нејзината позиција во меѓународните односи.
Со неговата смрт, македонската јавност се простува од професор, научник, дипломат и аналитичар кој повеќе децении беше присутен во академскиот, дипломатскиот и јавниот живот.