Абе ќе мрчиме, ќе лажеме, ќе плаќаме дупло, ќе патиме ако треба – само да се лечиме „на државно“ и да го мразиме приватното здравство!

Два примера покажуваат дека ние упорно веруваме дека јавното здравство ќе се оправи само ако некако успееме да го уништиме приватното. Бидејќи изгледа трајно сме пелцувани со идејата дека само праведната распределба на сиромаштијата и на мизеријата е делотворен лек за сите наши маки.

709

Собранието на Македонија соопшти дека не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во собраниската служба. Станува збор за набавка на превентивни здравствени прегледи, кои претставуваат законска обврска на работодавачот, а не дополнително или приватно здравствено осигурување.

Законот за безбедност и здравје при работа е јасен: прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот. Јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување.






Појасно од ова не може да биде.

Зошто тогаш некој манипулативно ја „информира“ јавноста дека Собранието на пратеничките и на вработените жени во оваа институција им обезбедува мамографски преглед во приватна здравствена установа, затоа што наводно немал доверба во јавното здравство и затоа што за таков преглед „на државно“ се чека?

Ако не станува збор за смислена малициозна медиумска манипулација – сакам за верувам дека не е така – тогаш веројатно причината се крие во очекувањето јавната набавка „по дифолт“ да ја добие установа од јавното здравство. И дека така би се покажала „доверба“ во јавното здравство.

Ноторна глупост!

Така, со фаворизирање на јавното здравство, со упорното стигматизирање на приватните иницијативи во оваа област, систематски и со години се поттикнува само неквалитет на услугите во државните ординации, болници и клиники, апатија на здравствениот кадар и бегство на младите лекари и медицински сестри во странство.

Во овој конкретен случај, Собранието, претпоставувам, имало и законска обврска да спроведе квалитетна и непристрасна јавна набавка. Со други зборови, тој што понудил подобра услуга од аспект на односот квалитет-цена, веројатно тој ја добил работата. Каде пишува и кој смислил дека тоа мора да биде јавна здравствена установа и дека не смее да биде приватна?

Впрочем, ако повеќе приватни здравствени установи нудат мамографски прегледи и прават такви, не би требало ли тоа да го намали времето на чекање за „државен“ мамографски преглед?

Ние очигледно во многу области живееме со „комунистичка логика“ и после се чудиме зошто не ни оди работата.

Пет-скенот во Клиничкиот центар во Скопје повеќе од еден месец не беше во функција, поради дефект на циклотронот – системот за производство на изотопи. Додека траела поправката, потребниот изотоп бил обезбеден од Истанбул, а Министерството за здравство разговарало и со Софија за да се обезбеди дополнителен извор. Белгија, пак, ги обезбедила извозните документи за деловите што треба да се заменат на циклотронот и се очекува дефектот наскоро да биде отстранет. Се размислувало и за набавка на втора ПЕТ-камера, како и за воспоставување алтернативни начини на снабдување со радиоизотоп во случај на дефект или редовен сервис на циклотронот.

Македонското јавно здравство има еден единствен апарат за ваква важна дијагностика, која за осигурениците е платена од касата на Фондот за здравство. Чудно е тоа како во кризна ситуација, како оваа, на клучните луѓе во јавниот здравствен сектор им текнуваат  триста начини како да ја „спасат“ ситуацијата и за тоа „снаоѓање“ после плаќаат висока цена. А има еден едноставен начин да си помогнат, без да платат ни денар повеќе од цената на редовните здравствени услуги што ги покрива Фондот за здравство.

Македонија има уште еден пет-скен. Се наоѓа во Клиничката болница „Аџибадем систина“. Двете клинички болници користат врвна, современа ПЕТ/КТ технологија, која ги задоволува највисоките светски стандарди во нуклеарната медицина. Главната разлика е во тоа што услугата во „Аџибадем систина“ се плаќа приватно, а таа во Клиничкиот центар ја покрива Фондот, односно државата.

Вистинското прашање е зошто било тешко Фондот и Министерството за здравство во текот на кризата да ѝ предложат на „Аџибадем систина“ едноставна зделка – вие давајте ја оваа здравствена услуга за нашите осигуреници, а ние ќе ви плаќаме по регуларната цена по која му плаќаме и на државниот Клинички центар. Можеби тоа целосно не би го задоволило приватниот оператор, но јас сум стопроцентно сигурен дека „Аџибадем систина“ во случајов би помогнала. И кризата би била ублажена.

Ама неее…

Ние ќе мрчиме, ќе лажеме, ќе плаќаме дупло, ќе патиме ако треба – само да се лечиме „на државно“ и да го мразиме приватното здравство!

Само да можеме кисело да кажеме – како да не, на Орце Камчев и на Жан Митрев ќе им ги полниме џебовите!

Ние упорно веруваме дека јавното здравство ќе се оправи само ако некако успееме да го уништиме приватното. Бидејќи изгледа трајно сме пелцувани со идејата дека само праведната распределба на сиромаштијата и на мизеријата е делотворен лек за сите наши маки.

Поврзани содржини