ХОРОР НА КОЊСКИ ТРКИ ВО ХЕРЦЕГОВИНА Со автомобил влетал меѓу луѓето, полицијата го бара за обид за тешко убиство
Тројца луѓе се повредени во драматичен инцидент на коњски трки во селото Бијељани кај Билеќа, во Босна и Херцеговина, кога возач со автомобил влетал меѓу присутните и ги газел луѓето. Полицијата соопшти дека интензивно трага по осомничениот, а случајот се истражува како обид за тешко убиство.
Според најновите информации, полицијата трага по Жељко Вујовиќ од Билеќа, осомничен дека управувал со автомобилот. Заедно со него побегнал и М.С., за кого медиумите објавуваат дека е Мирко Самарџиќ. Во меѓувреме се уапсени две лица – Г.Ч. од Билеќа и М.И. од Невесиње – под сомнение дека му помогнале на сторителот по извршувањето на делото. За случајот е известено Окружното јавно обвинителство во Требиње.
Од тројцата повредени, најсериозни повреди има маж роден во 1994 година, кој е примен на интензивна нега во Требиње. Тој е свесен, не ја губел свеста и има повреди на левото рамо и десната потколеница. Другите двајца повредени имаат полесни повреди и се сместени на болничко одделение, изјави докторката Тања Новарлиќ, шефица на интензивната нега.
Вујовиќ, според локалните медиуми, и претходно ѝ бил познат на полицијата. Во 2021 година бил осомничен во случај на киднапирање и претепување млад човек од Билеќа, по што извесно време бил во бегство. Тој случај предизвикал и протести на граѓани во Билеќа и Требиње поради незадоволството од постапувањето на правосудните институции.