🎥 НЕМА КОСА, НЕМА ГОЛОВИ! Ерлинг Халанд се ишиша и на првиот меч потоа не даде ниту еден гол, фановите се шегуваат за „Самсонов ефект“
Ерлинг Халанд ја отсече долгата руса коса, а неговиот нов изглед предизвика лавина реакции. По првиот меч без препознатливата фризура, навивачите се пошегуваа со „Самсоновиот ефект“. Неговите пријатели и соиграчи му рекоа дека изгледа како да има 10 години
Ерлинг Халанд ги шокираше фановите со драстична промена на изгледот. Норвешкиот голгетер ја отсече долгата руса коса која со години беше еден од неговите најпрепознатливи заштитни знаци и се појави со кратка, речиси војничка фризура. Промената ја направи непосредно пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата.
Халанд целата трансформација ја сними за своите следбеници, а на социјалните мрежи го покажа процесот од почетокот до конечниот резултат.
– Short hair don’t care – порача фудбалерот. Тој откри дека за шишањето размислувал уште по Светското првенство, но поради обврските немал време да го направи тоа.
Сепак, пред да седне на фризерската столица, Халанд имал мала дилема. Причината е советот што претходно му го дал Златан Ибрахимовиќ. Шведската фудбалска легенда, која Халанд ја смета за еден од своите спортски идоли, некогаш му рекол да не ја шиша косата бидејќи „силата му е во косата“. Халанд сепак решил да ризикува, а во видеото признал дека бил малку нервозен поради големата промена.
Реакциите не изостанаа. Златан, кому Халанд му се јави преку видео-повик, откако го виде новиот изглед, на шега го праша дали изгубил облог и дали сега ќе биде побрз со кратка коса. Пеп Гвардиола, пак, му рече дека е среќен што Халанд има коса и дека тој би сакал да ја има. Неговиот соиграч Џек Грилиш се пошегува дека сега изгледа како десетгодишно дете. Самиот Халанд рече дека едвај чека да види како навивачите ќе го доживеат новиот изглед.
View this post on Instagram
Халанд со новата фризура веднаш истрча на терен во првиот натпревар на Манчестер Сити во новата сезона, против Борнмут. Сити победи со 2:1 по пресврт, но Норвежанецот не успеа да постигне гол и пропушти неколку добри шанси. Тоа беше доволно за социјалните мрежи да се преплават со шеги дека можеби навистина му се случил „Самсоновиот ефект“ – како библискиот Самсон, кој според приказната ја изгубил силата откако му била отсечена косата.