ПОЧИНА ЖЕНАТА ЧИЈ СОФТВЕР ГО СПАСИ СЛЕТУВАЊЕТО НА МЕСЕЧИНАТА Нејзината 4-годишна ќерка открила опасна грешка во системот

Маргарет Хамилтон почина на 90-годишна возраст. Нејзината ќерка Лорен, додека имала само 4 години, случајно открила софтверска грешка што подоцна ја повторил и астронаутот Џим Ловел за време на мисијата „Аполо 8“.

0

Американската математичарка Маргарет Хамилтон, една од најважните личности во историјата на НАСА и пионерка на софтверското инженерство, почина на 90-годишна возраст. Нејзината смрт настапила на 30 септември, соопшти Масачусетскиот институт за технологија (МИТ).

Хамилтон останува запаметена како жената чиј софтвер одигра пресудна улога во историското слетување на човекот на Месечината во 1969 година.






Додека астронаутите Нил Армстронг и Баз Олдрин се приближувале кон површината на Месечината, компјутерот на лунарниот модул „Игл“ почнал да испраќа предупредувања за преоптоварување.

Причината бил проблем поврзан со хардверот, поради кој компјутерот добивал повеќе задачи отколку што можел истовремено да обработи.

Токму тогаш се покажала вредноста на софтверот што го развиле Хамилтон и нејзиниот тим. Системот автоматски им давал предност на најважните операции, додека помалку значајните привремено ги одложувал.

Благодарение на таквото решение, компјутерот продолжил да ги извршува задачите неопходни за слетувањето. Контролата на мисијата во Хјустон проценила дека астронаутите можат да продолжат, а „Аполо 11“ успешно слетал на Месечината на 20 јули 1969 година.

Четиригодишната ќерка открила грешка

Една од најнеобичните приказни од кариерата на Хамилтон е поврзана со нејзината ќерка Лорен, која на 4-годишна возраст си играла со компјутерски симулатор додека била со мајка си на работа.

Девојчето случајно активирало програма наменета за подготовките пред лансирање, иако симулаторот веќе бил во фаза на лет. Тоа предизвикало пад на системот.

Хамилтон веднаш ја препознала опасноста и предложила софтверска заштита што би спречила таква грешка во вистинска мисија.

Нејзиниот предлог првично бил одбиен со образложение дека добро обучените астронаути не би направиле таков пропуст.

Но, за време на мисијата „Аполо 8“ во 1968 година, астронаутот Џим Ловел случајно ја активирал истата програма, што довело до губење навигациски податоци.

Хамилтон и нејзиниот тим морале да најдат решение, а по инцидентот нејзините препораки биле прифатени.

Овој случај го потврдил принципот на кој Маргарет Хамилтон инсистирала во текот на целата кариера — компјутерските програми мора да бидат подготвени и за човечки грешки, а не само за идеални услови.

Фотката со купишта код стана симбол на една епоха

Маргарет Хамилтон е родена во 1936 година во Индијана. Дипломирала математика во 1958 година, а една година подоцна почнала да работи на МИТ.

Првично се занимавала со програмирање во метеорологијата, а подоцна работела и на компјутерски системи за американската воздушна одбрана.

На програмата „Аполо“ ѝ се приклучила во 1965 година, а до 1968 година веќе имала водечка улога во развојот на софтверот за вселенските летала.

Во време кога програмирањето не се сметало за рамноправна инженерска дисциплина, таа се залагала софтверот да добие исто признание како и хардверот. Нејзината работа придонела за популаризирање на терминот „софтверско инженерство“.

Светски позната станала и фотографијата од 1969 година на која стои покрај огромен куп испечатен програмски код за мисиите „Аполо“. Фотографијата подоцна станала симбол на придонесот на жените во развојот на компјутерската технологија.

Во 2016 година, тогашниот американски претседател Барак Обама ѝ го доделил Претседателскиот медал за слобода, едно од највисоките цивилни признанија во САД.

Хамилтон во интервју за МИТ во 2009 година се присетила на огромната одговорност што ја чувствувале младите инженери кои работеле на програмата „Аполо“.

– Немаше втора шанса. Знаевме за тоа. Ги сфаќавме нашите работни места сериозно, а многумина од нас го започнаа ова патување во своите дваесетти години – изјавила таа.

Нејзиното сеќавање на пионерските денови останало исполнето со гордост.

– Гледајќи наназад, ние бевме најсреќните луѓе на светот. Немавме друг избор освен да бидеме пионери – рекла Хамилтон.

Поврзани содржини