ВОЗОТ СКОПЈЕ – ПРИШТИНА МОЖЕ ДА ТРГНЕ ВО 2027 ГОДИНА Патувањето ќе трае 50 минути
Косово треба да ја доврши модернизацијата на својата железничка инфраструктура, по што на македонската страна ќе ѝ бидат потребни уште 4 до 6 месеци. Министерот очекува новата линија да го намали и сообраќајниот метеж во Скопје.
Железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина би можело да профункционира до крајот на 2027 година, а патувањето со воз меѓу двата главни града да трае само 50 минути, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Почетокот на железничкиот сообраќај зависи од завршувањето на инфраструктурните работи во Косово, каде што се модернизира постојната пруга и треба да се доврши уште еден тунел.
– За Скопје – Приштина, ние имаме железничко поврзување. Од страна на Косово се работи модернизација, има уште еден тунел кој треба да се заврши. Јас одржав две средби со министерот за транспорт во изминатиот месец, така што кога ќе го завршат нивниот дел, ќе може да функционира возот – изјави Николоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“.
Според неговите процени, по завршувањето на работите во Косово, на македонската страна ќе ѝ бидат потребни дополнителни 4 до 6 месеци за воспоставување на железничката линија.
Николоски посочи дека најголем дел од трасата на македонска територија ќе биде поврзан и со планираното проширување на градскиот воз во Скопје.
Првата траса, од Зелениково до новата железничка станица, веќе е пуштена во употреба, додека втората треба да ги поврзе железничката станица, Волково и Ѓорче Петров.
Третата планирана траса ќе се протега од железничката станица до Илинден и Агино Село.
Министерот очекува железничкото поврзување со Приштина да придонесе и за намалување на сообраќајниот метеж и аерозагадувањето во главниот град.
Според податоците што ги изнесе, повеќе од 10.000 возила дневно сообраќаат кон и од Косово.
– Доколку успееме да ги натераме да се качат во воз и за точно 50 минути од центарот на Приштина да стигнат до центарот на Скопје, убеден сум дека ќе влијае на намалување на загадувањето на Скопје – истакна Николоски.
Тој наведе и дека 30% од возилата што влегуваат во Скопје пристигнуваат од запад, исто толку од исток, а преостанатите 40% од север.