ХАЛАНД ЈА ТУЖИ АВИОКОМПАНИЈАТА НОРВЕЖИАН ПОРАДИ РЕКЛАМА СО НЕГОВАТА ФРИЗУРА „Никогаш не сме се чувствувале повеќе Норвежани“

Ерлинг Халанд ја тужи норвешката авиокомпанија „Норвежиан ер шатл“ поради реклама во која неговата препознатлива фризура била дигитално додадена на фотографија од авион без негова дозвола.

41

Фудбалерот на Манчестер сити, Ерлинг Халанд, покрена тужба против норвешката авиокомпанија „Норвежиан ер шатл“ поради реклама во која компанијата дигитално ја додала неговата препознатлива фризура на фотографија од авион. Спорот се однесува на користење на неговиот лик и заштитените комерцијални обележја без дозвола, пишува „Дејли мејл“.

Халанд со години беше препознатлив по русата коса врзана во опашка, но на почетокот на оваа сезона се потстрижа. Спорната реклама била објавена на социјалните мрежи за време на Светското првенство, а на фотографијата се гледал авион со дигитално додадена фризура на норвешкиот напаѓач и пораката: Никогаш не сме се чувствувале повеќе Норвежани.  Објавата подоцна била отстранета.






Портпаролката на компанијата, Катарина Соли, изјавила дека не разбираат зошто случајот завршил на суд. Таа објаснила дека и тие, како и многу други во Норвешка, ја поддржувале репрезентацијата за време на првенството и дека објавите биле спонтани, инспирирани од трендовите на социјалните мрежи.

– Жал ни е што нашата поддршка заврши со тужба, но се надеваме на разумен дијалог за и во иднина заедно да можеме да ги поддржуваме нашите спортски херои – изјавила Соли.

Адвокатот на Халанд, Томас Хаген, смета дека случајот е јасен. Тој тврди дека авиокомпанијата незаконски ги искористила препознатливите обележја на фудбалерот за да продава авионски билети за време на завршницата на Светското првенство.

Халанд постигна седум гола за норвешката репрезентација на првенството, на кое Норвешка стигна до четвртфиналето. Според претходните медиумски извештаи, судската средба во Осло е закажана за 9 октомври, а авиокомпанијата се надева дека спорот ќе може да се реши со договор.

Поврзани содржини