АФД НАЈАВУВА ДРАМАТИЧНИ ПРОМЕНИ ШТО ЌЕ ГО СМЕНАТ ЛИКОТ НА ГЕРМАНИЈА Ауфидерзен за Шенген, за еврозоната и за еврото

Ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија драматично води во анкетите и најавува големи промени – ако Алис Вајдел дојде на власт, Германија нема да биде земјата што ја знаеме сега.

390

Германија надвор од еврозоната, без еврото, надвор од Шенген, со затворени национални граници, многу построга миграциска политика и поголем број депортации. Тоа се дел од промените што копретседателката на Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, ги најавува доколку партијата дојде на федерална власт. Не станува збор за козметички корекции на сегашната германска политика, туку за напуштање на некои од темелите врз кои Германија ја градеше својата европска политика во изминатите три децении.

– На Германија ѝ беше значително подобро пред воведувањето на еврото. Заедничката европска валута ја ослабе германската економија и го намали богатството на домаќинствата – изјави Вајдел во летното интервју за политичкиот магазин „Берлин директ“ на ЗДФ. Интервјуто беше емитувано во неделата вечер, а токму прашањата за еврото, миграцијата и германските граници беа меѓу најсилните политички пораки на лидерката на АфД.






Шенген шлус и депортации на мигрантите

Уште покатегорична беше Вајдел за Шенген.

– Ќе ги затвориме и ќе излеземе од Шенген – рече таа.

Со тоа АфД најавува враќање на трајната национална гранична контрола и напуштање на системот на слободно движење што е една од најпрепознатливите придобивки од европската интеграција. Германија се наоѓа во срцето на Шенгенскиот простор и граничи со девет држави, па таквата одлука би имала непосредни последици и за сообраќајот на луѓе и стоки низ Европа.

Планот на АфД не завршува со границите. Вајдел бара значително поголем број депортации и многу порестриктивно доделување германско државјанство. Таа зборува и за враќање на Сиријците на кои веќе не им важи статусот на заштита. Тоа би било драматично менување на миграциската политика на земјата што во изминатата деценија прими милиони мигранти и бегалци и која по одлуките на владата на Ангела Меркел во 2015 година стана еден од главните европски центри за прием на баратели на азил.

Излегувањето од еврозоната би било уште поголем пресврт. Германија е најголемата економија во Европската Унија и еден од главните политички и економски столбови на заедничката валута. Германската марка исчезна како готовинска валута во 2002 година, а германската монетарна политика оттогаш е дел од системот на Европската централна банка. АфД, која беше основана во 2013 година токму со силна евроскептична и антиевропска монетарна агенда, сега повторно го става прашањето за германското членство во еврозоната во центарот на својата политика.

Ако се промени Германија, Европа веќе нема да биде иста

Германија не е само една „обична“ членка, една од 27-те членки на ЕУ. Таа е убедливо најголемата европска економија. Според најновите податоци на Евростат, БДП на Европската Унија во 2025 година изнесувал 18,8 билиони евра, а само германската економија создала околу 4,5 билиони евра – 23,8 отсто од целата економија на ЕУ. Практично, речиси секое четврто евро од европскиот БДП се создава во Германија. За споредба, Франција учествува со 15,8, а Италија со 12 отсто.

Уште поизразена е германската тежина во еврозоната. Есапот го покажува капиталниот клуч на евросистемот, според кој се распределуваат важни операции на Европската централна банка. Од 1 јануари 2026 година уделот на германската Бундесбанка изнесува 26,3152 отсто. Со други зборови, Германија претставува повеќе од една четвртина од економската тежина врз која е изграден монетарниот систем на еврозоната. Следуваат Франција со 19,77 и Италија со 15,83 отсто. Евентуално германско напуштање на еврото затоа би значело излегување на најголемиот поединечен столб од заедничката валута.

И миграциските бројки ја покажуваат германската тежина, иако приливот нагло се намалува. Во 2024 година Германија примила околу 230.000 први барања за азил, или една четвртина од сите во ЕУ. Во 2025 година бројот паднал на 113.200 први барања, односно 17 отсто од вкупно 669.400 во Унијата, со што Германија била четврта зад Шпанија, Италија и Франција. Ако се бројат сите барања, а не само првите, Европската агенција за азил наведува околу 163.000 барања во Германија во 2025 година, најмногу во поширокиот простор на ЕУ. Затоа радикална промена на германската политика за границите, азилот и за депортациите би го променила и еден од главните правци на миграциските движења во Европа.

АФД води во сите анкети

До пред неколку години ваквите најави можеа да се третираат како програма на партија далеку од власта. Политичката ситуација во Германија во 2026 година е сосема поинаква. АфД веќе не се бори за третото или второто место. Во серија национални анкети партијата е убедливо прва. Августовскиот „Дојчландтренд“ на АфД ѝ измери рекордни 28 отсто, наспроти само 21 отсто за ЦДУ/ЦСУ. На изборите во февруари 2025 година соодносот беше обратен: Унијата освои 28,5, а АфД 20,8 отсто.

И тоа не е изолиран резултат на една анкета. Најновите истражувања на повеќе институти ја ставаат АфД на 27 до 28,5 отсто, додека ЦДУ/ЦСУ главно се движи околу 20 до 22,5 отсто. YouGov во август ѝ измери 28 отсто на АфД наспроти 20 отсто на Унијата, а ИНСА 28,5 наспроти 20,5 отсто. Практично сите поголеми актуелни анкети покажуваат иста слика – АфД е најсилната германска партија според моменталното расположение на гласачите.

На 6 септември значаен тест на изборите во Саксонија-Анхалт

Подемот е уште подраматичен во источниот дел на Германија. Првиот голем тест доаѓа на 6 септември во Саксонија-Анхалт. Според анкетите цитирани од Ројтерс, АфД таму има околу 41 отсто поддршка, додека ЦДУ е далеку зад неа со околу 24 отсто. Вајдел отворено зборува за можноста АфД да почне да освојува покраински влади, а потоа да тргне кон федералната власт.

– Ќе владееме со првите покраини. А ќе владееме и на федерално ниво – порача Вајдел.

По изборите во Саксонија-Анхалт следуваат избори во Берлин и во Мекленбург-Западна Померанија на 20 септември, па есента може да покаже колку силната анкетна поддршка АфД може да ја претвори во реална политичка власт.

Мерц и компанија прават „санитарен кордон“ околу АФД

Најголемата пречка за АфД останува таканаречениот „санитарен кордон“ – одбивањето на другите големи партии да коалицираат со неа. Особено важен е ставот на ЦДУ на канцеларот Фридрих Мерц, која досега ја исклучува соработката со АфД. Вајдел токму оваа политика ја напаѓа како неодржлива и тврди дека продолжувањето на изолацијата на нејзината партија само дополнително ја слабее ЦДУ.

Причините за подемот на АфД се натрупуваа со години: незадоволството од миграцијата, економската стагнација, енергетската политика, растот на трошоците за живот и силното незадоволство од традиционалните партии. Во августовскиот „Дојчландтренд“ дури 85 отсто од испитаниците негативно ја оценуваат работата на владата, а само 14 отсто се задоволни од работата на канцеларот Мерц. Истовремено, повеќе од половина Германци сметаат дека на земјата ѝ се потребни темелни промени – највисоко ниво измерено во ова истражување.

Поврзани содржини