СКОКНАЛ ОД ЧАМЕЦ ПО ВЕСЛАТА И ИСЧЕЗНАЛ Нуркачи го пронајдоа телото на 71-годишен скопјанец
71-годишниот М.М. исчезнал на 8 август откако скокнал од чамец во близина на Сливница за да ги земе веслата што паднале во водата.
Телото на 71-годишниот М.М. од Скопје, кој на 8 август исчезна во водите на Преспанското Езеро, е извлечено по тридневна потрага, информира Министерството за внатрешни работи.
На 11 август во 13:15 часот, во близина на туристичката населба Претор, специјализирана нуркачка екипа од Единицата за специјална антитерористичка единица „Тигар“ го извлекла телото на скопјанецот.
Според пријавеното во полицијата, на 8 август околу 12:20 часот М.М. скокнал од чамец во езерото во близина на селото Сливница, ресенско, за да ги земе веслата кои паднале во водата.
По настанот била организирана потрага, а телото било пронајдено и извлечено три дена подоцна.
Увид на местото извршила екипа на СВР Битола – ОВР Ресен.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Клиничката болница во Битола, каде што ќе биде извршена обдукција. Таа треба да ги утврди причините за смртта.
Полицијата продолжува со расчистување на околностите под кои се случил трагичниот настан.