ДУИ НА ПОСЕБЕН НАСТАН ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ РАМКОВНИОТ ДОГОВОР Владата денеска ќе ја одбележи 25-годишнината од потпишувањето
ДУИ за утре закажа сопствен настан во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
ДУИ на посебен настан ќе ја одбележи 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Владата денеска организира одбележување во Клубот на пратениците, а ДУИ за утре закажа сопствен настан во хотелот „Александар Палас“ во Скопје.
На владиното одбележување е најавен панел на тема „Охридскиот рамковен договор и патот кон европската интеграција“, на кој како учесници се наведени градоначалникот на Тетово Билал Касами, поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, поранешниот дипломат и универзитетски професор Азиз Положани и дипломатот Кларис Пастори. Модератор на панел дискусијата е портпаролката на Владата, Венера Латифи Азизи. Организатор, заедно со Владата е Министерството за односи меѓу заедниците.
И на настанот на ДУИ ќе се одржи панел дискусија на тема „25 години од Охридскиот мировен договор – наследството, предизвиците и иднината“. Во поканата потпишана од претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Охридскиот договор е опишан како „еден од најзначајните моменти во современата историја“ на државата, со кој биле поставени темелите на мирот, стабилноста, мултиетничката демократија и евроатлантската перспектива.