НЕ РАСТЕ ОБЕМОТ, ТУКУ БРУТАЛНОСТА ВО ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО Јаневска најави казни и за родителите

Околу 50 случаи годишно се пријавуваат во училиштата, а институциите ја засилуваат превенцијата. Во собраниска процедура се и измени што предвидуваат парични казни за дел од родителите и од старателите.

45

Околу 50 случаи на врсничко насилство годишно се пријавувале во училиштата во последните 3 учебни години, обзнани министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа предупреди дека бројот не пораснал, но дека дел од случаите станале побрутални.

Таа говореше на панел-дискусијата „Меѓуврсничко насилство и вандализам“ во Охрид. Настанот беше организиран по повод Меѓународниот ден на младите, 12 август.






Превенцијата почнува во училиштата

Јаневска ја посочи превенцијата како еден од клучните начини за справување со проблемот. Законските измени од минатата година донесоа нови обврски за училиштата.

Годишните програми треба да содржат активности за добросостојба и за заштита на учениците. Предвидени се и мерки против насилството и против дискриминацијата, како и за подобра комуникација.

Стручните служби во училиштата се зајакнуваат. Повторно се воведени и дежурствата на наставниците за време на одморите, во ходниците и во училишните дворови.

Со Телеком и со УНИЦЕФ е изработен прирачник за справување со сајбер-булинг. Со Макпетрол е подготвен прирачник за врсничко насилство, заснован на реални ситуации.

МОН и Коалицијата на младински организации СЕГА работат и на национални стандарди за безбедни училишта.

Проблемот понекогаш почнува дома

Според Јаневска, анализите покажале дека меѓу причините се семејното насилство и недоволната грижа за децата во дел од семејствата.

МОН затоа соработува со МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади и со Комората на психолози. Целта е наставниците и училишните психолози подобро да препознаваат семејно насилство и занемарување.

Досега биле одржани директни средби со наставници и со родители во околу 30 општини. Активностите ќе продолжат.

Казни и за родители што одбиваат соработка

Јаневска информираше дека во собраниска процедура се и нови законски измени. Тие предвидуваат парични казни за родители и за старатели на ученици за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство.

Казни се предвидуваат и за родители што одбиваат да соработуваат со училиштата.

Министерката упати и порака до учениците.

– Укажувајте, спречувајте обиди за булинг, пријавувајте насилство, бидете емпатични, заштитете ги послабите и помогнете им на оние на кои им е потребна помош – порача Јаневска.

Поврзани содржини