100.000 ВОЗАЧИ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН ЧЕКААТ ДО 1 СЕПТЕМВРИ Ако нема решение превозниците најавија протести
Превозниците од Западен Балкан бараат јасни правила за пресметување на 90-те дена престој во Шенген-зоната и конкретен рок за решавање на проблемот.
Превозниците чекаат до 1 септември: Ако нема решение за возачите, следуваат протести
Здруженијата на превозници од Западен Балкан ќе го чекаат 1 септември, кога во Брисел е закажан состанок на повисоко ниво со претставници на Европската комисија. Од исходот на состанокот ќе зависи дали превозниците ќе организираат нови протести поради проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Превозниците денеска во Скопје одржаа состанок, по кој порачаа дека не сакаат да протестираат, но дека, доколку бидат приморани, ќе го преземат тој чекор. Тие најавија дека овојпат протестите нема да бидат прекинати како претходно, туку ќе траат до исполнување на нивните барања.
– Ние ќе бидеме трпеливи, ќе се трудиме да направиме шеми за движење на возачите. Сега е период на годишни одмори, меѓутоа, она што следува од септември натаму ќе биде многу трагично ако не најдеме решение. Не сакаме да му наштетиме на никого, ниту на Европската Унија, ниту на нашите држави, а најмалку на нас самите – превозниците. Но, ако сме принудени, ќе организираме протести со кои уште еднаш ќе ги потсетиме сите дека постои проблем што треба да се реши – изјави Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на превозници „Макам-транс“.
Превозниците се надеваат дека на состанокот во Брисел ќе биде најдено решение, бидејќи, како што велат, протестите никому не му одат во прилог.
– Одлуките за протести генерално се донесени во нашите земји и на ниво на управни одбори, но како превозници не сакаме да протестираме бидејќи тоа се одразува на целото општество. Но, ако бидеме принудени, ќе мора да излеземе. Искрено се надеваме и посакуваме тоа да не се случи – изјави Неџо Мандиќ од Србија.
Здруженијата на превозници не бараат промена на договорот за престој во Шенген-зоната, туку инсистираат строго да се почитува правилото за 90 дена престој во последните 180 дена.
Тие бараат времето да се пресметува прецизно, односно „минутата да биде минута, часот да биде час“, како и да биде утврден конкретен рок во кој ќе биде решен проблемот.
– Ги бараме своите 90 полни денови. Ако останат на тоа денот на влез да се пресметува како прв ден, а денот на излез како втор ден, тогаш сме во сериозен проблем и проблемот нема да биде решен. Ние не сме обични граѓани кои одат туристички во државите од Шенген-зоната, туку сме професионалци кои секојдневно, зависно од должината на турата, работиме – нагласи Мандиќ.
Тој вели дека превозниците веќе се соочуваат со сериозен проблем и оти, според нивните информации, околу 50 проценти од возачите одбиваат да возат бидејќи немаат сигурност што ќе се случи на границата.
Проблем, според него, претставува и различното толкување на правилото 90/180 од страна на службениците на граничните премини.
– Зависиме од поединци на граница и од начинот на кој ја толкуваат одлуката. Имаме тотална неизвесност. Возачите тргнуваат на пат и знаат дека не го потрошиле времето, но кога ќе дојдат таму, еден ќе им каже едно, друг друго. Еден ќе ги пушти, друг нема. Тргуваат како да се на пазар – можам да те пуштам уште три дена, можам уште пет дена. А во суштина, возачот знае дека не направил прекршок – вели Мандиќ.
Со проблемот, според превозниците, се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од Македонија, додека на ниво на земјите од Западен Балкан бројката достигнува околу 100.000 возачи.
Превозниците сега очекуваат конкретен исход од состанокот во Брисел на 1 септември. Доколку не биде понудено решение, тие најавуваат дека ќе ги активираат одлуките за организирање протести.