ОБУКА НА ЈАВНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ДА ИЗДАВААТ МАСОВНИ Е-ФАКТУРИ Ќе го тестираат системот и ќе даваат сугестии

Обуката на јавните претпријатија е од особено значење бидејќи тие претставуваат значаен сегмент од јавниот сектор и се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата.

68

Управата за јавни приходи (УЈП) во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) организираше обука за подготовка за воведување на системот е-Фактура на која учествуваа 80 претставници од општините и јавните претпријатија (ЈКП). На обуката беа презентирани функционалностите на овој систем и начинот на неговото користење, како и обврските и придобивките од електронското фактурирање.

Беше нагласено општините и јавните претпријатија што помасовно да пристапат кон тестирање на системот, со цел навремено да достават сугестии и предлози во насока на поедноставување на процесите и обезбедување на негова поголема ефикасност. За подобра комуникација со тимот на УЈП, беше побарано општините и јавните претпријатија кои досега не доставиле контакт-лице, тоа да го направат што поскоро.






Кај присутните посебно внимание предизвикаа дилемите околу можностите за испраќање масовни фактури од страна на јавните претпријатија кон граѓаните, можностите за интегрирање/поврзување на сегашните системи што ги користат одредени општини и јавните претпријатија со системот е-Фактура, како и можностите за користење на постојните валидни сертифицирани потписи на корисниците.

Претставниците од тимот на УЈП посочија дека во оваа пилот-фаза тестирањето може да се спроведе преку: директна интеграција на системот е-Фактура со деловните информациски системи на корисникот преку API интерфејс или преку Веб апликација. Во овој момент се тестираат повеќе функционалности на системот е-фактура, како што се креирање, прием, валидација, преземање, прифаќање, одбивање и сторнирање на е-фактура, се тестираат повеќе типови на документи и даночни индикатори, а во следниот период се планира постепено зголемување на опфатот на тестирањето до целосно вклучување на сите процеси, сите даночни индикатори и сите типови на документи.

На крајот од работилницата беа посочени платформите за цели на тестирањето:
– Потребната документација е достапна на линкот: https://efakturawiki.ujp.gov.mk
– Регистрација и доделување на привилегии за користење на системот е-фактура: https://eujptest.ujp.gov.mk/ureg
– Тест платформа за е-фактура: https://efakturatest.ujp.gov.mk (овластеното лице се најавува и регистрира валиден квалификуван сертификат)
– Контакт мејл за поддршка: [email protected] (на кој може да се достават сите прашања и предлози кои произлегле од тестирањето)

Оваа обука е од особено значење бидејќи јавните претпријатија претставуваат значаен сегмент од јавниот сектор и се меѓу најголемите издавачи на фактури во државата. Нивната навремена подготовка и активно вклучување во процесот се од клучно значење за успешната имплементација на системот е-Фактура и за обезбедување непречен премин кон целосно електронско фактурирање.

Поврзани содржини