ТРАМП ТАЈНО ГО НАПУШТИЛ САМИТОТ НА НАТО ВО АНКАРА Со возило за кетеринг бил пренесен во друг авион

Трамп и неколку негови соработници се качиле во кетеринг-возилото за да го напуштат авионот без да бидат забележани од лицата кои не биле вклучени во операцијата. Возилото било подигнато со хидраулична платформа до спротивната страна на авионот од главниот влез на „Ер Форс Уан“.

254

Американскиот претседател Доналд Трамп тајно го напуштил минатомесечниот самит на НАТО во Анкара, Турција, со алтернативен воен авион, додека Белата куќа оставила впечаток дека претседателот патува со „Ер Форс Уан“, објави во понеделникот весникот „Вашингтон пост“, пренесе Дојче веле.

Според извештајот, операцијата била поттикната од закана за атентат врз Трамп од страна на Иран. Тајната операција била организирана така што новинарите и дел од персоналот на Белата куќа верувале дека патуваат со претседателот додека тој го започнувал враќањето кон Вашингтон по годишниот собир на лидерите на земјите-членки на НАТО.






„Вашингтон пост“ се повикува на документи што ги прегледал весникот, американски функционер запознаен со операцијата и уште едно лице информирано за патувањето на претседателот.

Трамп на самитот пристигнал со нов авион, подарок од Катар, кој бил дополнително преуреден во црвено-бело-темносина комбинација. Но, пред поаѓањето од Турција, тој изјавил дека дел од патувањето назад ќе го реализира со постар модел на „Ер Форс Уан“ во светлосина боја.

Во Анкара, Трамп се качил во постариот претседателски авион пред телевизиските камери, по што леталото требало да полета кон базата на Кралското воено воздухопловство Милденхол во Обединетото Кралство.

Тајно префрлен во помал воен авион

Меѓутоа, според извештајот на „Вашингтон пост“, по качувањето во стариот „Ер Форс Уан“, Трамп неколку минути подоцна тајно бил префрлен во помал авион од типот „Ер Форс Ц-32А“.

Претседателот бил пренесен со аеродромско возило за кетеринг, кое вообичаено се користи за доставување храна и други залихи до авионите. Со тој авион Трамп отпатувал до Милденхол.

Белата куќа не одговорила директно на прашањата поврзани со извештајот за тајната операција и за наводниот сложен план со кој требало да се создаде впечаток дека претседателот се наоѓа во светлосиниот „Ер Форс Уан“.

„Како што претседателот неодамна кажа, постојат бројни непријатели на Америка кои го држат на нишан и ние ги користиме сите расположливи средства за да се справиме со тие закани“, изјавил директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг.

Американската Тајна служба одбила да ги коментира наводите. Американските воздухопловни сили, кои управуваат со флотата на владини авиони за превоз на највисоките функционери, ги упатиле прашањата до Белата куќа.

Дополнителни мерки поради заканите од Иран

„Њујорк тајмс“ и „Си-би-ес њуз“ минатиот месец објавија дека разузнавачките служби предупредиле на потенцијален напад врз претседателот или неговиот авион. Поради тоа биле воведени дополнителни безбедносни мерки и било одлучено новиот авион добиен од Катар да не се користи за првиот дел од патувањето од Анкара.

Промената на авионот отвори прашања околу безбедноста на леталото обезбедено од Катар, а Трамп по враќањето изјави дека авионот ќе помине низ дополнителни надградби.

Според најновиот извештај на „Вашингтон пост“, тајното префрлање на Трамп во трет авион покажува колку сериозно американските безбедносни служби ја сфатиле заканата против претседателот во услови на тековниот конфликт со Иран.

Пол Еклоф, поранешен специјален агент на Тајната служба, изјавил дека ваквиот необичен потег може да укажува или на конкретни разузнавачки информации или на исклучително висок степен на претпазливост поради нестабилната безбедносна ситуација поврзана со војните во Иран и Украина.

„Не би рекол дека е без преседан, но станува збор за невообичаен случај“, изјавил Еклоф за Асошиејтед прес.

Весникот наведува дека Трамп и неколку негови соработници се качиле во кетеринг-возилото за да го напуштат авионот без да бидат забележани од лицата кои не биле вклучени во операцијата. Возилото било подигнато со хидраулична платформа до спротивната страна на авионот од главниот влез на „Ер Форс Уан“.

На малата група новинари, кои верувале дека патуваат со претседателот, им било кажано да ги спуштат ролетните на прозорците пред полетувањето.

По пристигнувањето во Милденхол, фотографите снимиле фотографии од Трамп како излегува од претседателскиот авион, што според извештајот сугерира дека тој повторно се качил во „Ер Форс Уан“ надвор од видокругот на новинарите кои мислеле дека патуваат со него.

По кратката посета на базата во Милденхол, Трамп се качил во новиот „Ер Форс Уан“ и го продолжил летот кон Вашингтон.

За време на разговор со новинарите во авионот, Трамп беше директно прашан дали постоела веродостојна закана од Иран против „Ер Форс Уан“.

– Па, јас сум под закана цело време. Јас сум број еден на нивната листа, пред вас. Но, ако јас настрадам, и вие ќе настрадате – одговори Трамп.

 

Поврзани содржини