ЖЕСТОКА РЕАКЦИЈА НА ЛАЗОВ ПО КРИВИЧНАТА ОД СДСМ Нека одговори опозицијата што направи за Гостивар кога беа надлежни
Директорот на ДСЗИ ја отфрла кривичната пријава како политички маневар и порача дека неговото работење е достапно за проверка од надлежните институции.
Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), д-р Кирил Лазов, реагираше по кривичната пријава што СДСМ ја поднесе за случајот со водата во Гостивар, во која е опфатено и неговото име.
Лазов ја оцени пријавата како „небулозна“ и обвини дека станува збор за политички обид да се префрли одговорноста за долгогодишниот проблем со водата во Гостивар.
– Уште една небулозна кривична пријава од СДСМ, уште еден обид со политички театар да се прикрие недостатокот на одговори за сопственото постапување – напиша Лазов во реакцијата објавена на социјалните мрежи.
Тој порача дека наместо со кривични пријави да се бараат одговорни лица, СДСМ треба да одговори што презел додека бил на власт и имал надлежност врз институциите.
– Наместо со кривични пријави да бараат виновници на прес-конференции, најпрво треба да дадат одговори што направиле тие додека биле надлежни, какви мерки преземале и што пропуштиле да преземат во однос на долгогодишниот проблем со водата во Гостивар – наведува Лазов.
Според него, полесно е одговорноста да се насочи кон други, отколку да се преиспита сопственото постапување од периодот кога институциите биле во нивна надлежност.
Лазов во реакцијата истакнува дека неговата работа ќе продолжи во рамките на законските надлежности на ДСЗИ.
– Ваквите политички маневри нема да го променат мојот пристап. Продолжувам со професионална, одговорна и законита работа, исклучиво во рамките на надлежностите на ДСЗИ – порача директорот.
Тој додава дека секоја одлука и постапување во рамките на неговите надлежности може да биде предмет на проверка од надлежните институции.
– Институциите нека постапуваат, а фактите нека зборуваат – вели Лазов.
Во завршницата од реакцијата тој посочува дека нема да дозволи, како што вели, дневнополитичките пресметки да го нарушат достоинството на ДСЗИ и угледот на професионалците кои работат во институцијата.
– Продолжувам со крената глава, чиста совест и уште поголема посветеност на работата – наведува Лазов.